Со еден клик до сите услуги

https://uslugi.gov.mk/

Извадок на дел од дневните настани 02.04.2026

Министерство за внатрешни работи Министерство за внатрешни работи

СВР Штип поднесе кривична пријава против А.Џ.(37) од Штип поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурзори“. Во текот на јули 2025 година кај две лица полициски службеници пронашле и одзеле марихуана за која било утврдено дека ја набавиле од пријавениот. На 06.08.2025, полициски службеници извршиле претрес во домот на пријавениот, при што, исто така, биле пронајдени и одземени марихуана и дробилка.

 

Одделението за прекуграничен криминал, миграции, странци и реадмисија Куманово поднесе кривична пријава против A.C.(25) од Турција поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „фалсификување исправа’’ и „безобѕирно управување со моторно возило’’. На 29.03.2026 на Граничен премин Табановце, на влез во државата, пријавениот на увид приложил фалсификувана молдaвска возачка дозвола.

 

СВР Велес поднесе кривична пријава против Т.Б.(32) од Велес поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „тешка кражба“ и „оштетување и неовластено навлегување во компјутерски систем“. На 06.03.2026, пријавениот со подесен алат влегол во два продажни објекти во Велес и одзел пари, додека при излегување од вториот објект одзел паричник со лични документи и три банкарски картички на едно лице, при што едната картичка ја употребил на бензинска станица.

 

СВР Штип поднесе кривична пријава против двајца малолетници поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „изнуда“. На 18.09.2025 во двор од  средно училиште во Штип, пријавените со закана од друг малолетник одзеле пари.

 

На 31.03-01.04.2026 во Скопје, на различни локации, полициски службеници од СВР Скопје ги лишија од слобода И.А.(38), И.К.(25) и Е.Е.(34), сите од Скопје, како и Р.О.(22) од с.Огњанци, скопско, 17-годишник од с.Волково, скопско и А.Б.(46) од Тетово, затоа што кај нив се пронајдени и одземени бела прашкаста материја, марихуана и семки од канабис. По целосно документирање на случаите, против нив ќе следуваат соодветни поднесоци.   

 

На 01.04.2026 околу 12:00 часот во СВР Скопје е пријавено дека на крстосница од ул.„Иван Хаџиниколов“ и ул.„Јанко Митиќ“ во Скопје, патничко возило „фолксваген туран“ со скопски регистарски ознаки, управувано од М.Ш.(37) од с.Студеничани, скопско, удрило во пешакот Б.А.(93) од Скопје. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил пешакот, констатирани во ЈЗУ „Св. Наум Охридски“ во Скопје. Извршен е увид од увидна екипа од СВР Скопје.

 

На 01.04.2026 во 08:10 часот во СВР Скопје е пријавено дек на бул.„Александар Македонски“ во Скопје се случила сообраќајна незгода помеѓу патничко возило „алфа ромео“ со скопски регистарски ознаки, управувано од Д.Б.(59) од Скопје и патничко возило „шкода јети“,  сопственост на МВР, управувано од Х.А.(42) од Скопје. Во незгодата со телесни повреди се здобил Х.А., констатирани во Ургентен центар при комплекс клиники „Мајка Тереза“ Скопје. Извршен е увид од увидна екипа на СВР Скопје.

 

На 01.04.2026 во 18:30 часот во ОВР Прилеп е пријавено дека на патот Градско-Прилеп се случила сообраќајна несреќа помеѓу патничко возило „фолксваген туран“ со битолски регистарски ознаки, управувано од Д.К.(53) од Битола и товарно возило „рено“ со битолски регистарски ознаки, управувано од В.Ш.(61) од с.Горно Оризари, битолско. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил возачот на патничкото возило и неговиот сопатник С.К.(75) од Битола, додека со телесни повреди неговата сопатничка В.К., констатирани во Итната медицинска помош Прилеп. По наредба на јавен обвинител, извршен е увид од увидна екипа на ОВР Прилеп.

 

На 01.04.2026 околу 20:35 часот во СВР Тетово е пријавено дека на бул.„Илинденска“ во Тетово, патничко возило „фолксваген голф“ со тетовски регистарски ознаки, управувано од Н.Т.(65) од Тетово, удрило во пешакот С.М.(52) од Тетово. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобила 52-годишната С.М., констатирани во Клиничка болница Тетово. Извршен е увид од увидна екипа на СВР Тетово.

 

На 01.04.2026 во 15:30 часот во СВР Тетово е пријавено дека на ул.„Вонвардарска“ во Тетово, патничко возило „фолксваген голф“ со тетовски регистарски ознаки, управувано од Б.Ј.Р.(70) од Тетово, удрило во пешакот Б.С.(46) од Тетово. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил пешакот, констатирани во Клиничка болница Тетово. Извршен е увид од увидна екипа на СВР Тетово.

 

СВР Штип поднесе кривична пријава против Б.Х.Ј.(45) од Штип поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „лажно претставување“, „одземање на моторно возило“ и „тешка кражба на дрзок начин“. На 09.03.2025 на ул.„Рибник” во Штип, пријавениот сопрел патничко возило „пежо“ во сопственост на правен субјект, претставувајќи се лажно како полициски службеник, при што го одзел возилото и си заминал од местото. Истиот ден, на ул.„Сутјеска”, додека пријавениот го управувал одземеното возило, застанал до едно женско лице, физички ја нападнал и го одзел нејзиното куче.

 

СВР Велес поднесе кривична пријава против С.М.(48) од Велес поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурзори“. На 28.10.2025 во Велес, полициски службеници го забележале пријавениот при продажба на хероин на друго лице, по што двајцата побегнале, а хероинот бил пронајден и одземен. На 29.10.2025, С.М. бил пронајден и лишен од слобода, по што бил спроведен во Полициска станица Велес, каде што го признал делото.

 

На 01.04.2026 во 22:00 часот на подрачјето на општина Аеродром во Скопје, полициски службеници од СВР Скопје го лишија од слобода М.Ф.Ј.(26) од Турција, со престој во Скопје. Тој се сомничи дека во периодот од  30.03.2026 до 01.04.2026 од ходник од станбена зграда на подрачјето на општина Аеродром одзел велосипед од 26-годишник од битолско. Велосипедот е пронајден и вратен на сопственикот. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветна пријава. 

 

На 01.04.2026 во 14:00 часот на ул.„Цветан Димов“ во Тетово, полициски службеници од СВР Тетово, врз основа на судска наредба за издржување затворска казна за сторено кривично дело по член 284-а од Кривичниот законик, го приведоа Ш.И.(51) од Тетово. Тој е спроведен во Казнено - поправната установа Затвор Тетово за издржување на казната.

 

На 01.04.2026 во 15:35 часот во с.Боговиње, тетовско, полициски службеници од Полициското одделение Камењане го лишија од слобода З.М.(66) од с.Боговиње. Тој се сомничи дека сторил кривично дело „тешка кражба“ по член 236 од Кривичниот законик, а бил баран по телеграма од ОВР Кичево. По целосно документирање на случајот, против него ќе следува соодветна пријава.

 

На 01.04.2026 во 14:00 часот на ул.„Браќа Ламески” во Прилеп, полициски службеници од ОВР Прилеп го лишиja од слобода Ќ.Ш.(55) од Прилеп, затоа што кај него биле пронајдени предмети кои потекнуваат од кражба во куќа. Украденото било вратено на сопственикот, а по целосно документирање на случајот, против Ќ.Ш. ќе следува соодветна пријава. 

 

На 01.04.2026 во 14:10 часот во СВР Велес, 60-годишен велешанец пријави дека бил измамен за сума од 12.400 денари од едно лице кое го запознал во декември 2025 година во Велес и кој се претставил како полициски инспектор во Скопје. Според пријавеното, лицето побарало од него на договорено место во Велес да преземе пакет со брендирана облека од друго лице, за кое кажал дека е негов колега инспектор од Неготино, и за пакетот да даде 200 евра, кои подоцна ќе му ги врати. Како што е пријавено, на местото наместо со лицето од Неготино, тој се сретнал со лицето од Скопје, кој го довел во заблуда, му го дал пакетот и му ги земал парите. Исто така, според пријавеното, лицето во два наврати го измамило и неговиот син, а од пред извесен период ја прекинало комуникацијата со нив, по што сфатил дека бил измамен. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

 

На 02.04.2026 во ОВР Кавадарци е пријавено дека на локален пат Кавадарци-село Ресава, кавадаречко, патничко возило „даеву ланос“ со кавадаречки регистарски ознаки, управувано од И.Д.(19) од село Бегниште, кавадаречко, се превртело на коловозот. Во несреќата со телесни повреди се здобил возачот, констатирани во Општа болница Кавадарци, каде е задржан на лекување. По преземени мерки и извршени проверки било констатирано дека И.Д. го управувал возилото без положен возачки испит и под дејство на алкохол, односно му биле измерени 1,62 промили алкохол во крвта. По насоки од јавен обвинител возилото било одземено, а увид извршила увидна екипа од ОВР Кавадарци. По целосно документирање на настанот ќе биде поднесена соодветна пријава.

 

На 02.04.2026 во Полициската станица Кисела Вода, полициски службеници од СВР Скопје извршија службен разговор со И.С.(47) од Скопје, постапувајќи по претходна пријава дека на 01.04.2026 околу 18:00 часот во домот физички го нападнал неговиот малолетен син. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветна пријава.

 

На 01.04.2026 во СВР Скопје, 30-годишна жена пријави дека околу 17:30 часот во домот на подрачјето на Карпош била физички нападната од нејзиниот сопруг Ж.Ј.(35) од Скопје, кој употребил и тврд предмет. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.  

 

На 01.04.2026 во 20:30 часот во СВР Скопје, 45-годишна жена пријави дека во домот на подрачјето на Карпош била физички нападната од нејзиниот вонбрачен партнер Б.А.(51) од Скопје, кој употребил и тврд предмет. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.   

 

На 31.03.2026 во 13:20 часот во СВР Скопје, Б.А.(31) од Скопје пријави дека на 30.03.2026 околу 22:30 часот во ходник од зграда со тврд предмет бил нападнат од неговиот сосед И.П.. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

 

 На 01.04.2026 во 23:00 часот во Скопје, на подрачјето на Шуто Оризари, полициски службеници од СВР Скопје го лишија од слобода Р.В.(22) од Скопје, постапувајќи по претходна пријава дека околу 15:45 часот пред продажен објект физички го нападнал Н.Х.(29) од Скопје, вработен како обезбедување во објектот. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.  

 

На 01.04.2026 во 23:20 часот во СВР Скопје е пријавено дека околу 16:30 часот во домот на подрачјето на општина Аеродром, М.И.(38) од Скопје физички го нападнала нејзиниот малолетен син. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

 

На 01.04.2026 во 13:00 часот во СВР Скопје, од Казнено – поправната установа Затвор Идризово е пријавено дека околу 12:40 часот за време на редовната прошетка, осудениците Е.А.(32) и Ш.И.(35), од една страна и С.М.(26) од друга страна, со тврди предмети си размениле удари, а потоа Е.А. со остар предмет му нанел повреда на С.М.,  на кој му била укажана помош во амбулантното одделение, по што бил пренесен во Комплексот клиники „Мајка Тереза“. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.     

 

На 01.04.2026 околу 01:30 часот во скопско, полициски службеници од СВР Скопје го приведоа К.А.(27) затоа што агресивно се однесувал кон неговата 37-годишна сестра и ѝ упатувал закани. Истиот ден, околу 13:30 часот таа пријави дека на 31.03.2026 околу 22:30 часот била и физички нападната од нејзиниот брат, кој ѝ го оштетил и возилото. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветна пријава.

Мени за пристапност