Со еден клик до сите услуги

https://uslugi.gov.mk/

Извадок на дел од дневните настани 02.11.2025

Министерство за внатрешни работи Министерство за внатрешни работи

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Валандово поднесе кривична пријава против Ѓ.С.(27) од Валандово поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „овозможување на употреба на наркотични дроги“. На 20.04.2025, полициски службеници извршиле преглед на патничко возило ,,мерцедес, управувано од пријавениот, а во кое било уште едно лице, при што се пронајдени и одземени остатоци од бела прашкаста материја и марихуана.

 

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Гостивар поднесе кривична пријава против М.А.(26) од с.Сенокос, гостиварско, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено изработување, тргување и држење на огнено оружје или распрскувачки материи“. На 21.10.2025, полициски службеници од Полициското одделение Галате, при вршење службени активности во с.Сенокос, забележале група на лица, од кои едниот фрлил пиштол, кој во службен разговор признал дека пиштолот е негов.

 

СВР Куманово поднесе кривична пријава против Д.П.(21) од Куманово поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „тешка телесна повреда“ и против М.Р.(20), П.М.(22), Н.П.(21) и К.К.(22), сите од Куманово, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „учество во тепачка“. На 17.08.2025 во населба Карпош во Куманово, пријавените со безбол палка физички ги нападнале Л.Ј. и Н.С., при што им нанеле тешки телесни повреди.

 

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Ресен поднесе кривична пријава против 31-годишник од ресенско село поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „полово вознемирување“. На 29.09.2025, пријавениот се соблекувал пред две малолетнички и ги вознемирувал.  

 

СВР Тетово поднесе кривична пријава против С.Б.(37) од Тетово поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „загрозување на сигурноста“. На 05.10.2025, пријавениот од возило „фолксваген амарок“ вперил пиштол кон возило во кое се превезувале полициски службеници, а по извршен преглед над возилото се пронајдени и одземени пиштол „Валтер“ и нож.

 

СВР Битола поднесе кривична пријава против М.Т.(46) поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело ,,злоупотреба на службената положба и овластување’’. Пријавениот, во својство на управител на правен субјект, без да обезбеди решение за одмор и одлуки за отсуства од друштвото, за периодот од 14.08.2020 до 17.09.2024 неоправдано отсуствувал од работа вкупно 140 дена и на тој начин се стекнал со имотна корист во вредност од 389.099 денари.

 

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Берово поднесе известување против малолетник од Пехчево поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „оштетување и неовластено навлегување во компјутерски систем“. На 08.07.2025, пријавениот од паричникот на неговата баба одзел пари, а на 10 и 11.07.2025 од платежната картичка на неговата мајка од банкомат во два наврати подигнал парични средства.

 

На 01.11.2025 во 19:40 часот во Скопје, на подрачје на Бит Пазар, полициски службеници од СВР Скопје го лишија од слобода А.П.(35) од Скопје затоа што кај него се пронајдени и одземени марихуана и таблети. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.

 

На 01.11.2025 во 16:35 часот во СВР Струмица е пријавено дека на магистралниот пат Радовиш-Струмица, на место викано „Слобода“, патничко возило „пежо“ со струмички регистарски ознаки, управувано од К.В.(46) од с.Сушево, струмичко, се превртело на коловозот. Од здобиените повреди на местото на несреќата починал возачот, а лекар од Итната медицинска помош констатирал смрт. Извршен е увид од јавен обвинител и увидна екипа на СВР Струмица и по наредба на јавниот обвинител телото на починатиот е дадено на обдукција.

 

На 01.11.2025 во 17:40 часот во СВР Струмица е пријавено дека на регионалниот пат Р1402, на делницата од с.Габрово до с.Банско, К.Д.(63) од с.Градско Балдовци, струмичко, управувајќи мопед со струмички регистарски ознаки, изгубил контрола и со мопедот паднал на коловозот. Од здобиените повреди на местото на несреќата починал возачот на мопедот. Лекар констатирал смрт, а по наредба на јавен обвинител, телото на починатиот е дадено на обдукција. Увид на местото на несреќата, во присуство на јавен обвинител, извршила екипа од СВР Струмица.

 

На 01.11.2025 околу 08:30 часот во СВР Скопје е пријавено дека во с.Орљанци, скопско, 78-годишниот Х.Б. од с.Арачиново, скопско управувајќи трактор „имт“ изгубил контрола и се превртел на коловозот. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил возачот, констатирани во Комплекс клиники „Мајка Тереза“ Скопје. Извршен е увид од увидна екипа на СВР Скопје.

 

На 01.11.2025 околу 15:30 часот во СВР Скопје е пријавено дека на локалниот пат од Средно Водно кон Скопје, 44-годишниот В.Д. од Скопје, управувајќи велосипед, изгубил контрола и паднал на коловозот. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил велосипедистот констатирани во приватна болница во Скопје. Извршен е увид од увидна екипа на СВР Скопје.

 

На 01.11.2025 околу 19:40 часот во СВР Куманово е пријавено дека на локалниот пат во атар на с.Кокино, општина Старо Нагоричане, 18-годишниот Х.П. од с.Арбанашко, општина Старо Нагоричане управувајќи мотицикл „јамаха“, изгубил контрола и паднал. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил возачот, констатирани во Општа болница Куманово. Извршен е увид од увидна екипа на СВР Куманово.

 

На 01.11.2025 во 19:53 часот во СВР Битола е пријавено дека на локален пат за с.Егри, битолско, патничко возило „југо“ со битолски регистарски ознаки, управувано од Ј.Н.(30) од с.Мусинци, општина Могила, излетало од коловозот. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил неговиот сопатник В.А.(30) од Битола, констатирани во Клиничка болница Битола. Извршен е увид од увидна екипа на СВР Битола.

 

На 01.11.2025  во 15:30 часот на градскиот стадион „Гоце Делчев“ во Прилеп, полициски службеници од ОВР Прилеп го лишија од слобода Ф.З.(33) од Прилеп затоа што го нарушил јавниот ред и мир со оштетување и уништување инвентар и други делови од спортскиот објект. Тој е задржан во полициска станица и по целосно документирање на настанот, против него ќе следува соодветна пријава.

 

На 01.11.2025 во 22:25 часот во село Сретеново, општина Дојран, полициски службеници од СВР Струмица-ОВР Гевгелија го лишија од слобода В.Р.(55) од село Сретеново. Претходно, во Стар Дојран настанала физичка пресметка помеѓу него и  Н.Т.(53) од Богданци, кој се здобил со тешки телесни повреди и бил пренесен во Медицински центар Гевгелија, каде подоцна починал. По наредба на јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Гевгелија телото на починатиот е дадено на обдукција. Лицето е задржано во Полициската станица Гевгелија, а во текот на денот против него ќе биде поднесена соодветна пријава.

 

На 02.11.2025 во 04:16 часот во СВР Скопје е пријавено дека со употреба на физичка сила и погоден алат било влезено во објект на финансиско друштво на подрачјето на Гази Баба и од сеф биле одземени пари. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

 

На 02.11.2025 во 07:20 часот во СВР Скопје, М.Б.(19) од с.Инџиково, скопско, пријави дека околу 00:45 часот во угостителски објект на подрачјето на Центар, тој и неговиот другар М.Ј.(18) биле физички нападнати од едно машко лице, кое употребило тврди предмети. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.   

 

На 01.11.2025 во 18:35 часот во ОВР Кочани, жена од Кочани пријавила дека на 31.10.2025 околу 21:30  часот во семејниот дом била физички нападната од нејзиниот вонбрачен партнер Г.Н.(47) од штипско село. Полициски службеници извршиле службен разговор со него и по целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.

 

На 01.11.2025 во 11:20 часот во СВР Скопје, Д.Б.(74) од Скопје пријави дека околу 09:50 часот во близина на гробиштата во Горно Лисиче, скопско, две лица физички ја нападнале и ѝ го одзеле паричникот со пари и документи. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

 

На 01.11.2025 во 22:15 часот во СВР Скопје, Р.Ј.(48) од Скопје пријави дека на подрачјето на општина Аеродром, едно лице со употреба на физичка сила и ја одзело чантата со паричник со пари, лични документи и други предмети. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

 

На 01.11.2025 во 23:10 часот во СВР Скопје, Р.К.(45) од Скопје пријави дека околу 22:00 часот на подрачјето на Чаир, неговата малолетна ќерка била физички нападната од едно женско лице. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

Денеска (02.11.2025) во 00:30 часот во СВР Скопје, С.Р.(50) од Скопје пријави дека на 01.11.2025 околу 20:00 часот на подрачјето на Чаир, нејзиниот малолетен син бил физички нападнат од Т.Ѓ.. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

 

На 01.11.2025 во 09:30 часот во СВР Штип, од Казнено – поправната установа Затвор Штип е пријавено дека на осуденикот К.Ѓ.(47) од Скопје на 31.10.2025 му се влошила здравствената состојба и бил пренесен во Комплексот клиники „Мајка Тереза“ Скопје, каде што на 01.11.2025 починал. Лекар констатирал смрт без траги на насилство, а увид извршила увидна екипа.  

Мени за пристапност