Со еден клик до сите услуги

https://uslugi.gov.mk/

Извадок на дел од дневните настани 01.11.2025

Министерство за внатрешни работи Министерство за внатрешни работи

 

ОВР Кавадарци, до ОЈО Кавадарци, поднесе кривична пријава против В.Т.(47) и М.Т.(52), двете од Кавадарци, поради постоење основи за сомнение за сторени кривични дела „оштетување и неовластено навлегување во компјутерски систем“ по член 251 и „злоупотреба на лични податоци“ по член 149 од Кривичниот законик. Имено, В.Т., вработена како наставник во училиште во Кавадарци, прво на 04.09.2025, во една од училниците, на службен лап топ компјутер го затекнала отворен приватниот профил на социјална мрежа на една колешка и неовластено фотографирала приватни разговори, со цел да ги пренесе на М.Т., директорка на училиштето. Исто така, В.Т. успеала да ја пронајде и лозинката од профилот на оштетената, по што на 05.09.2025 и 07.09.2025, повторно неовластено фотографирала лични пораки и ги дала на М.Т., која пак ги праќала на други колеги. На 19.09.2025, на наставнички совет што се одржал во училиштето, откако оштетената укажала дека непознато лице фотографирало нејзини приватни разговори кои се пратени до други лица, М.Т. и се заканила дека доколку пријави, сите пораки што ги поседува ќе ги испратела до други колеги.

 

ОВР Неготино, до ОЈО Кавадарци, поднесе кривична пријава против Љ.Т.(67) од Неготино поради постоење основи за сомнение за сторено кривично дело „ширење на расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем“ по член 394-г став 2 во врска со став 1 од КЗ.  Тој на 20.10.2025 преку личен профил и профил кој го управува на социјална мрежа, објавил видео во кое употребил погрден и навредлив израз за лица од село Криволак, повикувајќи на дискриминација и ускратување на изборното право на група граѓани по етничка основа. На 21.10.2025 во ОВР Неготино се примени три пријави, а потоа и на 24.10.2025 од страна на 107 жители на село Криволак, неготинско, писмено е пријавено дека Љ.Т. од Неготино на социјална мрежа објавил видео, кое било јавно достапно, а во кое изнел невистини и навреди на национална основа во врска со изборниот процес.

 

СВР Куманово поднесе кривична пријава против В.Б.(56), Н.З.(41), Х.Е.(53) и В.П.(67) поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „несовесно работење во службата “. Првопријавената, матичар во Управа за водење на матични книги во Лојане, општина Липково, постапила несовесно во вршење на своите овластувања и должности на начин што во матична книга на родени во с.Лојане извршила дополнителен упис дека едно женско лице склучила брак со машко лице и го зела неговото презиме, по што второпријавениот во својство на матичар на 26.03.2024 издал извод од матична книга на родени за неа. Третопријавениот, помлад советник во Одделение за управни работи Куманово го примил поднесеното барање за издавање на патна исправа, а четвртопријавениот во својство на виш советник за патни исправи во одделението во Куманово проценил дека се исполнети сите законски услови за вадење на пасош и го одобрил издавањето. На тој начин , пријавените овозможиле на лицето да користи два идентитети.

 

СВР Велес поднесе кривична пријава против Е.Б. (46) и С.С. (29), двајцата од Велес поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело ,,незаконит лов“. На 26.09.2025 на место викано „Корија“ во с.Рлевци-општина Чашка, полициски службеници извршиле преглед на патничко возило „мицубиши“ со австриски национални ознаки,  управувано од Е.Б. и сопатник С.С., при што во возилото биле пронајдени и одземени две ловни пушки, 59 куршуми со различен калибар, две дозволи за поседување и носење на оружје и разна ловна опрема, но не поседувале дневна дозвола за лов.

 

Надворешна канцеларија за криминалистички работи Ресен, поднесе кривична пријава против Д.А.(49) од Ресен поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „насилство врз дете” и „телесна повреда“. На 03.10.2025 пријавената, во с.Дрмени, ресенско, физички ја нападнала својата малолетна ќерка, која имала здравствени проблеми, при што употребила тврд предмет.

 

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Гостивар, поднесе кривична пријава против С.А.(48) од Гостивар поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело ,,загрозување со опасно орудие при тепачка или караница“. На 17.09.2025, пријавениот упатувал закани кон Т.Р.(63) со пиштол, за кој подоцна е утврдено дека е пластичен.   

 

На 31.10./01.11.2025 во Скопје, на различни локации, полициски службеници од СВР Скопје ги лишија од слобода А.В.(29) од Делчево, Г.С.(32) од Виница и М.П.(38), Н.М.(34), М.А.(34), С.С.(25), Г.И.(52), М.С.(36) и Ф.П.(38), сите од Скопје, затоа што кај нив се пронајдени и одземени бела прашкаста материја, бела грутчеста материја, прашкаста материја и марихуана. По целосно документирање на случаите ќе следуваат соодветни поднесоци.

 

На 31.10.2025 во 11:35 часот, полициски службеници од СВР Велес го приведоа В.М.(24) од  велешко село, кој бил баран врз основа на судска наредба за издржување казна затвор од една година. Тој е спроведен во Казнено-поправната установа Затвор Идризово за издржување на казната.

 

На 31.10.2025 во 08:40 часот во СВР Битола е пријавено дека во дворно место во с.Крклино, битолско, била пронајдена експлозивна направа. Пиротехничар од Дирекцијата за заштита и спасување ја подигнал експлозивната направа и констатирал дека се работи за рачна бомба која потекнувала од Првата светска војна.

 

На 30.10.2025 во 15:30 часот во СВР Битола, од Клиничка болница Битола е пријавено дека кај нив со повреда најверојатно од воздушна пушка е примена Д.М.(54) од с.Долно Српци, битолско. Увидна екипа на СВР Битола изврши увид и констатирнао е дека, додека повредената била на нива помеѓу село Долно Српци и село Вашарејца, слушнала звук по што почувствувала дека е повредена на главата. Се преземаат мерки за расчистување на настанот.

 

На 31.10.2025 во 10:30 часот во СВР Битола е пријавено дека кај туристичката населба Отешево, ресенско, пиротехничар од Дирекцијата за заштита и спасување од водите на Преспанско езеро безбедно подигнал неексплодирана минофрлачка граната калибар 77 мм од Првата светска војна.   

 

На 31.10.2025 во 23:10 часот на ул.„Александар Македонски“ во Македонска Каменица, полициски службеници од Полициското одделение Македонска Каменица извршиле преглед над паркирнао патничко возило „фолксваген пасат“ со винички регистарски ознаки, кое го паркирал Д.П.(21), а во возилото биле затекнати Д.К.(20) и 15-годишник, сите тројца од виничко село.  Притоа, во возилото биле пронајдени предмети со остатоци од бела прашкаста материја. Со нив е извршен службен службен разговор и по целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.

 

На 31.10.2025 во 11:20 часот во СВР Тетово, 66- годишник од тетовско село пријавил дека во јуни 2025 година бил измамен од С.,,Н"  за сума од 250 евра. Според пријавеното, лицето му кажало дека неговата сопруга работи во Центар за социјални работи Тетово и дека е член на комисија за доделување на социјална помош - „туѓа нега", при што го довел во заблуда и му ги побарал парите да му заврши работа и дека за еден месец ќе ја добие социјалната помош. Како што е пријавено, откако му ги дал парите, ниту му се  јавувал на телефон, ниту му  ја завршил работата. Се преземаат мерки за расчистување и документирање на случајот.

 

На 01.11.2025 во 02:48 часот во СВР Скопје, Е.Ш.(32) од Скопје пријави дека околу 00:30 часот на подрачјето на Бит Пазар две машки лица со закана му одзеле пари, по што едниот од нив физички го нападнал. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

 

На 01.11.2025 во 00:10 часот во Скопје, полициски службеници од СВР Скопје го приведоа В.Т.(40) од Скопје. Претходно, тој на подрачјето на Кисела Вода во Скопје го нарушил јавниот ред и мир со физичка пресметка со Г.К.(39) од Вевчани, а при преземање мерки полициски службеници извршиле алкотестирање со дрегер и констатирани е дека има 1,85 промили алкохол во крвта. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.

 

На 31.10.2025 во 19:50 часот во СВР Скопје, 22-годишна жена од општина Росоман, со престој во Скопје, пријавила дека околу 13:00 часот во семејниот дом на подрачјето на Шуто Оризари била физички нападната од нејзиниот вонбрачен партнер Х.Д.(22), кој употребил и тврди предмети. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветна пријава.

 

На 31.10.2025 во 20:20 часот во СВР Скопје, И.С.(36) од Скопје пријави дека околу 18:30 часот на подрачјето на Центар, нејзиниот 15-годишен син и нејзината 14-годишна ќерка биле физички нападнати од едно машко лице. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

 

На 31.10.2025 во 21:00 часот во СВР Скопје, М.С.(57) од Скопје пријави дека околу 15:00 часот на подрачјето на општина Аеродром во Скопје, нејзината 15-годишна ќерка била физички нападната од три малолетнички кои ги познавала,  од кои едната употребила тврд предмет. За настанот е известен јавен обвинител и се преземаат мерки за расчистување на случајот.

На 31.10.2025 во 20:10 часот во СВР Скопје, Б.А.(46) од Скопје пријави околу 19:45 часот на подрачјето на општина Аеродром во Скопје, по претходна расправија, бил физички нападнат од едно машко лице. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

На 31.10.2025 во 15:30 часот во атар на с.Јажинце, општина Јегуновце, на полициски службеници од Полициската станица за Граничен надзор Рогачево ги лишија од слобода Е.М.(44) и У.Д.(73), двајцата од с.Јажинце. Тие се затекнати при бесправна сеча со моторна пила на огревно дрво и во нивна близина биле пронајдени исечени огревни дрва. Моторната пилаи дрвата се одземени и предадени на Шумска полиција за понатамошна постапка. За настанот е известен јавен обвинител од Основно јавно обвинителство Тетово и по целосно документирање на случајот, против нив ќе следува соодветна пријава. 

Мени за пристапност