Со еден клик до сите услуги

https://uslugi.gov.mk/

Извадок на дел од дневните настани 29.09.2025

Министерство за внатрешни работи Министерство за внатрешни работи

СВР Куманово поднесе кривична пријава против И.А.(52) од Гостивар поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурзори“. На 09.03.2025 на Граничниот премин Табановце, на влез во државата, полициски службеници извршиле преглед на патничко возило „бмв“ со швајцарски национални ознаки, кое го управувал пријавениот, при што во возилото била пронајдена и одземена марихуана.

 

ОВР Прилеп поднесе кривична пријава против Т.Б.(45) од Република Албанија поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело ,,напад врз службено лице при вршење работи на безбедноста“. На 16.09.2025 во кругот на ОВР Прилеп, пријавената физички нападнала полициска службеничка која извршувала службени дејствија. 

 

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Гостивар, поднесе кривична пријава против М.Х.(53) и С.Ш.(46), двајцата од Гостивар поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „насилство“. На 14.09.2025 во Гостивар, пријавените по претходна расправија, го нападнале А.С.(42).

 

Одделението за прекуграничен криминал, миграции, странци и реадмисија Скопје поднесе кривична пријава против С.Т.(59) од Скопје (сопственик на правно лице), правен субјект од Скопје и Л.Т.(21) од Скопје (одговорно лице во правниот субјект) поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „помагање на странец при незаконит престој“. На 13.08.2025, при извршена контрола во правниот субјект, бил затекнат државјанин на Непал кој извршувал работни активности без регулиран привремен престој за странец по основ на ,,вработување“,  соодветна работна дозвола и со истечена виза. Пријавените, иако знаеле дека странецот е со нерегулиран престој му помогнале и прифатиле во континуитет да извршува работни задачи.

 

На 28.09.2025 во 15:20 часот во СВР Куманово е пријавено дека на ул.„Иво Лола Рибар“ во Куманово,  А.С.(24) од Куманово, управувајќи мотокултиватор „имт 509“ со кумановски регистарски ознаки, изгубил контрола и паднал на коловозот. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил А.С., констатирани во Општата болница Куманово. Извршен е увид од увидна екипа од СВР Куманово.

 

На 28.09.2025 во 13:00 часот во ОВР Кавадарци е пријавено дека на локалниот пат Кавадарци-Росоман, на делницата кон с.Манастирец, општина Росоман, се случила сообраќајна несреќа помеѓу патничко возило „цитроен“ со кавадаречки регистарски ознаки, управувано од Ќ.М.(74) од Кавадарци и мотоцикл „хамачи“, управуван од Б.П.(39) од с.Ваташа, кавадаречко. Во несреќата  со тешки телесни повреди се здобил мотоциклистот, констатирани во Општата болница Кавадарци. Извршен е увид од увидна екипа од ОВР Кавадарци.

 

На 28.09.2025 во 13:56 часот во СВР Битола е пријавено дека на крстосница од ул.„Филип Втори Македонски“ и ул.„Наум Наумовски Борче“ во Битола се случила сообраќајна несреќа помеѓу патничко возило „форд“ со битолски регистарски ознаки, управувано од 30-годишната Н.Т. и патничко возило „фолксваген туран“ со битолски регистарски ознаки, управувано од Г.Н.(47), двајцата од Битола. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил Б.Т.(42) од Битола, сопатник во возилото „форд“, констатирани во Клиничката болница Битола. Извршен е увид од увидна екипа од СВР Битола.

 

На 28.09.2025 во ОВР Прилеп е пријавено дека на регионалниот пат с.Кривогаштани- Крушеани, патничко возило „дфск“ со битолски регистарски ознаки, управувано од 16-годишник од с.Трновци, општина Могила, излетало надвор од коловозот. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил 15-годишен сопатник од с.Бела Црква, општина Кривогаштани, а со телесни повреди се здобил возачот, констатирани во Општа болница Прилеп. Извршен бил увид од увидна екипа од ОВР Прилеп.

 

На 28.09.2025 во 21:05 часот во СВР Битола е пријавено дека на ул.„Филип Втори Македонски“ во Битола, патничко возило „бмв“ со битолски регистарски ознаки, управувано од П.Л.(26) од Битола, удрило во 21-годишната П.Т.М. од Гевгелија, со престој во Битола. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобила П.Т.М., констатирани во Клиничката болница Битола. Извршен бил увид од увидна екипа од СВР Битола.

 

На 28.09.2025 во 21:10 часот во Скопје, на подрачјето на Драчево, полициски службеници од СВР Скопје го лишија од слобода Ф.С.(31) од Скопје затоа што кај него е пронајдена и одземена марихуана. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.

 

На 29.09.2025 во 01:30 часот во СВР Скопје, Љ.Р.(46) од Скопје пријави дека околу 00:30 часот на паркинг простор во с.Стајковци, скопско, две лица со закана кон него и со употреба на физичка сила и тврд предмет, од неговото патничко возило одзеле торба со разновиден алат. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

 

На 29.09.2025 во 01:50 часот во Полициското одделение Шуто Оризари, С.А.(41) од Скопје пријави дека од семејниот дом се оддалечила нејзината ќерка Е.А.(15) . Се преземаат мерки за пронаоѓање на лицето.

 

На 28.09.2025 во 11:30 часот во Скопје, на подрачјето на Кисела Вода, полициски службеници од СВР Скопје го лишија од слобода Е.Д.(33) од Скопје, постапувајќи по претходна пријава дека околу 09:30 часот во семејниот дом упатувал закани кон неговото семејство и оштетил дел од покуќнината. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.

 

На 28.09.2025 во 17:00 часот во  СВР Скопје, П.Ј.(73) од Скопје пријави дека околу 13:45 часот на пазар на подрачјето на Центар, по претходна расправија, бил физички нападнат од  В.„Н“, кој употребил и тврд предмет. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

 

На 28.09.2025 во 17:00 часот во СВР Скопје, 56-годишна жена од Скопје пријави дека била измамена за сума од 18.000 денари. Според пријавеното, таа претходно на социјална мрежа стапила во контакт со едно женско лице, која изнајмувала стан. Како што е пријавено, на 28.09.2025 парите за депозит ги оставила во сандаче од станбена зграда на подрачјето на Чаир, каде што претходно лицето ѝ посочило. Според пријавеното, исто така, подоцна кога се обидела да стапи во контакт со лицето, но не успеала, сфатила дека била измамена. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

 

На 28.09.2025 во 14:30 часот во СВР Скопје било пријавено дека во ходник од станбена зграда на подрачјето на Чаир, по претходна расправија, бил нарушен јавниот ред и мир со физичка пресметка помеѓу 64-годишната М.А. од една страна и 43-годишната З.С. и О.С. (22), сите од Скопје, од друга страна. По целосно документирање на случајот ќе следуваат соодветни поднесоци.

 

На 28.09.2025 во 10:00 часот во СВР Скопје е пријавено дека на подрачјето на Драчево, по претходно нерасчистени имотно-правни односи, бил нарушен јавниот ред и мир со физичка пресметка помеѓу И.Ќ.(60) и 45-годишната Е.А., од една страна и 41-годишната С.Д. и Т.Д.(20) од друга страна, сите од Скопје. Исто така, во 21:00 часот во СВР Скопје, Е.А.(45) пријавила дека околу 13:30 часот Т.Д. и упатувал закани на неа и И.Ќ.. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.

 

Мени за пристапност