Со еден клик до сите услуги

https://uslugi.gov.mk/

Извадок на дел од дневните настани 12.12.2025

Министерство за внатрешни работи Министерство за внатрешни работи

ОВР Кочани поднесе кривична пријава против Џ.К.(23) од Кочани поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурзори“. На 12.05.2025, полициски службеници извршиле преглед на патничко возило „мерцедес“ во кое како сопатник била пријавената, при што кај неа бил пронајден и одземен хероин.

 

СВР Тетово поднесе кривична пријава против Б.А.(28), Б.А.(33), Х.Б.(19) и М.Ш.(33), сите од Тетово, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „насилство“. На 17.08.2025 во фитнес центар во Тетово и надвор од објектот, пријавените физички го нападнале А.И. (32) од Тетово и му нанеле повреди. 

               

СВР Тетово поднесе кривична пријава против С.Р.(51) и Х.А.(58), двајцата од Тетово, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „измама“. Во текот на октомври 2024 година, второпријавената довела во заблуда лице од Тетово дека може да му помогне за посредување во Јавната установа - Меѓуопштински центар за социјални работи Тетово за да оствари надомест за помош и нега од друго лице за него и неговата сопруга, по што заедно со првопријавениот му побарале документи и парични средства, но барањето било одбиено, а парите не му биле вратени.

 

ОВР Кочани поднесе кривична пријава против М.Е.(26) од Кочани поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи“ и „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурзори“. На 04.03.2025, полициски службеници извршиле претрес во домот на пријавениот, при што биле пронајдени и одземени  куршуми и марихуана.

 

Одделението за прекуграничен криминал, миграции, странци и реадмисија Гевгелија поднесе кривична пријава против Р.Р.(28) од с.Копаница, скопско, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „криумчарење мигранти”. На 08.12.2025 на излез од Гевгелија, на место викано „Нова петла“, полициски службеници извршиле преглед на патничко возило „пежо” со гостиварски регистарски ознаки, управувано од пријавениот, во кое биле пронајдени пет лица мигранти од Египет.

 

На 11.12.2025 во 13:45 часот, со наредба од Основен суд Битола, полициски службеници од СВР Битола извршија претрес во куќа, сопственост на А.Н.(49) од с.Трновци, битолско. При претресот е пронајдено пневматско оружје, сигнален пиштол, рамка и 62 парчиња муниција. По целосно документирање на настанот, против него ќе биде поднесена соодветна пријава.

 

На 11/12.12.2025 во Скопје, на различни локации, полициски службеници од СВР Скопје ги лишија од слобода А.Б.(26), Л.А.(22) , М.В.(23), А.А.(38) и Д.А.(22), сите од Скопје, како и С.Ш.(23) од Струмица и А.М.(21) од Хрватска, затоа што кај нив се пронајдени и одземени прашкаста материја, марихуана и дробилка. По целосно документирање на случаите ќе следуваат соодветни поднесоци.

 

На 11.12.2025 во 17:00 часот, врз основа на наредба од Основен суд Прилеп, полициски службеници од ОВР Крушево извршија претрес во домот и помошните простории, сопственост на М.М.(47) во с.Пресил, крушевско. При претресот се пронајдени воздушна пушка, 10 патрони за ловечка пушка и колан за ловечки патрони кои се предмет на прекршок по член 27 од Законот за оружје. По документирање на настанот, против него ќе следува соодветна пријава.

 

На 11.12.2025 во 14:45 часот во СВР Скопје е пријавено дека на кружен тек од ул.„Борис Сарафов“, ул.„Лука Геров“, ул.„Македонски војски“ и бул.„Партизански Одреди“ во Скопје, патничко возило „мерцедес“ удрило во пешакот Х.М.(34), по што возачот со возилото го напуштил местото на настанот. Во несреќата со телесни повреди се здобил пешакот, констатирани во Градската општа болница „Св.Наум Охридски“. Извршен бил увид од увидна екипа од СВР Скопје и се преземаат мерки за расчистување на случајот.

 

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Делчево поднесе кривична пријава против Е.Т. поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „злоупотреба на службената положба и овластување“ и „фалсификување исправа“. Пријавениот во својство на советник-даночен извршител во општина Делчево, на 21.12.2021, во врска со барање поднесено од лице од делчевско село, не излегол на лице место за да ја утврди фактичката состојба согласно закон, формирал непостоечка-лажна комисија и изготвил лажен записник  за излегување на лице место, а со цел незаконски и противправно да овозможи на друго лице од Делчево да изврши оттуѓување на градежно земјиште во државна сопственост за оформување на градежна парцела предвидена со урбанистички план или урбанистичка планска документација. Изготвениот невистинит записник, Е.Т. го употребил во понатамошната постапка во врска со поднесеното барање од лицето, кое согласно решението издадено од општина Делчево, уплатило вкупен износ од 450.712 денари на Буџетот на општина Делчево. На тој начин, предизвикал материјална штета на лицето за износ од уплатената сума, како и дополнителни трошоци за водење на постапката. 

 

На 11.12.2025 во 19:40 часот, полициски службеници од ОВР Кавадарци извршија службен разговор со Г.В.(45) од Кавадарци, постапувајќи по претходна пријава од Р.Т.( 60) од Кавадарци, дека поради недоразбирање во сообраќајот, Г.В. физички го нападнал. По целосно документирање на случајот, ќе следува соодветен поднесок.

 

На 11.12.2025 во 07:45 часот во СВР Скопје е пријавено дека во дом на негов другар на подрачје на Кисела Вода во Скопје е пронајден починат Б.П.(36) од Скопје. Лекар од Итна медицинска помош констатирал смрт без видливи траги на насилство, а по наредба на јавен обвинител телото на починатиот е дадено на обдукција.

 

На 12.12.2025 во 02:30 часот во СВР Скопје, Е.А.(22) од с.Чајлане, скопско, пријави дека на 11.12.2025 околу 22:30 часот пред продажен објект на подрачјето на Сарај, скопско, по претходно недоразбирање, бил физички нападнат од Е.Х., Х.Х. и Е.С., додека С.Х. со метален предмет го оштетил возилото на неговиот другар Е.Р, кој бил со него. По целосно документирање на случајот, ќе следува соодветна пријава.

 

На 11.12.2025 во 19:10 часот во СВР Скопје, Н.К.П.(47) од Скопје пријави дека околу 14:30  часот на подрачјето на Карпош, четири малолетници кои ги познавал, физички го нападнале нејзиниот 13-годишен син, при што еден од нив употребил и тврд предмет, а потоа му упатиле закани во врска со неговите двајца браќа. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

 

На 11.12.2025 во 21:30 часот во СВР Скопје, 40-годишна жена од Скопје пријави дека на  10.12.2025 околу 23:00 часот во семејниот дом на подрачјето на Шуто Оризари била физички нападната од нејзиниот вонбрачен партнер И.Р.. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

 

На 11.12.2025 во 10:00 часот во СВР Скопје, Б.С.(57) од Скопје, возач на автобус, пријави дека во автобус паркиран кај Транспортен центар во Скопје, по претходно недоразбирање, бил физички нападнат од М.Р., исто така возач на автобус. Се преземаат мерки за расчистување на случајот. 

 

На 11.12.2025 во 18:30 часот во СВР Скопје, И.Р.(53) од Скопје пријави дека околу 14:30 часот на подрачјето на Чаир бил физички нападнат од Б.А.. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

 

На 12.12.2025 околу 00:20 часот во СВР Скопје е пријавено дека во напуштена куќа на подрачјето на Центар е пронајден починат Е.Р.(25) од Скопје. Лекар од Итната медицинска помош констатирал смрт без видливи траги на насилство. Извршен е увид од увидна екипа од СВР Скопје, а по наредба на јавен обвинител телото на починатиот е дадено за обдукција.  

 

Мени за пристапност