ОВР Кочани поднесе кривична пријава против Х.Ј.(36) од Кочани поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурзори“. На 18.06.2025 полициски службеници извршиле претрес во домот на пријавениот, при што била пронајдена и одземена марихуана.
ОВР Кочани поднесе кривична пријава против К.И.(36) од Кочани поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело ,,неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи“. На 28.07.2025, полициски службеници извршиле претрес во домот на пријавениот, при што бил пронајден и одземен пиштол „црвена застава м70“ калибар 7,65 мм, кој неовластено го чувал во својот дом.
СВР Охрид поднесе кривична пријава против С.Т.(46) од Охрид поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „насилство“. На 05.12.2025 во Охрид, пријавениот физички го нападнал Г.Т.(50) од Охрид.
На 10.12.2025 во 13:00 часот во село Жеровјане, тетовско, полициски службеници од Полициското одделение Жеровјане го лишија од слобода Б.Е.(30) од с.Жеровјане. Тој се сомничи дека во период од неколку денови извршил кражба во напуштена штала во с.Теново, сопственост на Л.И.(22) од с.Теново, при што одзел повеќе предмети. Тој е задржан во полициска станица и по целосно документирање на случајот, против него ќе биде поднесена соодветна пријава.
На 10.12.2025 во Скопје, на подрачјето на Карпош, полициски службеници од СВР Скопје ги лишија од слобода И.М.(22), 24-годишната Д.Џ.С. и 21-годишната И.Г.П., сите од Скопје, затоа што кај нив е пронајдена и одземена марихуана. По целосно документирање на случаите ќе следуваат соодветни поднесоци.
На 10.12.2025 во 18:45 часот на влезот во спортската сала „Боро Чурлевски“ во Битола, полициски службеници од СВР Битола ги лишија од слобода П.Н.(20), Н.А.(24) и Д.М.(24), сите од Скопје. При влегување на навивачка група од Скопје во спортската сала на ракометен натпревар, бил нарушен јавниот ред и мир, при што тие физички нападнале неколку полициски службеници кои преземале службени дејствија. Подоцна, во 19:20 часот на влезот во спортската сала, полициски службеници од СВР Битола го лишија од слобода и Н.Ѓ.(34) од Битола затоа што го нарушил јавниот ред и мир со агресивно однесување и повикувал на насилство. По целосно документирање на настаните, против лицата ќе бидат поднесени соодветни поднесоци.
На 10.12.2025 во 19:30 часот во СВР Скопје, од Градската општа болница „8 Септември“ е пријавено дека кај нив дошла 62-годишната Ј.Ф. од Скопје, која на 09.12.2025 околу 16:45 часот на крстосница од ул.„Франклин Рузвелт“ и ул.„Орце Николов“ во Скопје била удрена од патничко возило „тојота“ со скопски регистарски ознаки, управувано од женско лице, која потоа ја однела во приватна здравствена установа, а по прегледот заминала во својот дом и не го пријавила случајот. Полициски службеници од увидна екипа од СВР Скопје со неа извршија службен разговор и се преземаат мерки за расчистување на случајот.
На 11.12.2025 во 01:20 часот во ОВР Гевгелија е пријавено дека на регионалниот пат Стар Дојран - Нов Дојран, на место викано „Калдрма“, Д.Б.(22) од Нов Дојран, управувaјќи мопед „хамачи“ со гевгелиски регистарски ознаки, изгубил контрола и излетал од патот. Притоа, тој се здобил со телесни повреди, констатирани во Општата болница Гевгелија. По преземени мерки во врска со незгодата е констатирано дека Д.Д. е под дејство на алкохол, односно измерени му се 1,60 промили алкохол во крвта. За настанот е известен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Гевгелија и по целосно документирање на случајот против него ќе биде поднесена пријава по член 297-а од Кривичниот законик - „безобѕирно управување со моторно возило“.
На 10.12.2025 во 12:10 часот во Кавадарци, полициски службеници од ОВР Кавадарци го лишија од слобода Н.Ј.(31) од Кавадарци. При претрес во неговиот дом, извршен со наредба од Основен суд Кавадарци, пронајдени и одзeмени се марихуана и ризли. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветна пријава.
На 10.12.2025 во 22:30 часот во СВР Скопје, Д.П.(19) од Скопје пријави дека околу 17:40 часот на подрачјето на Центар, по претходно недоразбирање во сообраќајот, била физички нападната од едно лице, кој со велосипед ѝ го оштетил и возилото. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
На 11.12.2025 во 01:20 часот во СВР Скопје, С.Ф.(62) од Скопје пријави дека на паркинг простор на подрачјето на Бит Пазар било опожарено неговото патничко возило „тојота рав 4“ со скопски регистарски ознаки. Повредени лица нема, а од екипа на Бригадата за противпожарна заштита Скопје пожарот бил изгаснат. Извршен бил увид и се преземаат мерки за расчистување на случајот.
На 11.12.2025 во 05:20 часот во СВР Скопје е пријавено дека на подрачјето на Шуто Оризари настанал пожар во куќа, сопственост на Д.Р.(31) од Скопје, кој при излегување од куќата се здобил со повреда, по што бил пренесен во Комплексот клиники „Мајка Тереза“ за укажување на лекарска помош. Од екипа на Бригадата за противпожарна заштита Скопје пожарот бил изгаснат. Извршен е увид.
На 10.12.2025 во 17:40 часот, полициски службеници од ОВР Делчево приведоа 16-годишник и А.М.(27), двајцата од Македонска Каменица. При преземање службени дејствија, полициските службеници ги затекнале лицата на место викано „Горен водопад“ на река Каменичка во Македонска Каменица, при што малолетникот фрлил кеса и се обидел да побегне, но бил спречен и приведен. Притоа , на местото се пронајдени и одземени кеса со марихуана, дигитална вага и дробилка. Подоцна, со судска наредба, во присуство на неговиот татко, извршен е и претрес во домот на малолетникот, при што тој доброволно предал пакување со два цвета од растението канабис. Известен е јавен обвинител и по целосно документирање на случајот ќе биде поднесена соодветна пријава.