СВР Тетово поднесе кривична пријава против Т.В.(39) од с.Неготино, гостиварско, поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „лихварство“, „употреба на исправа со невистинита содржина“, „фалсификување на исправа“ и „злоупотреба на лични податоци“ и против Ј.Д.(48) од село Добри Дол, гостиварско и правно лице-нотар од Гостивар поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „несовесно вршење на службата“, „фалсификување на исправа“ и „злоупотреба на лични податоци“. Од 2022 година па до денот на пријавување, пријавениот Т.В. ја искористувал тешката имотна состојба на лице од Гостивар и во повеќе наврати му позајмувал пари со несразмерно висока камата. Имено, за заем од 35.000 евра, за една година му побарал камата од 15.000 евра, а потоа за истиот долг секој месец му барал камата од 3.000 евра. Бидејќи оштетениот не можел да ја врати каматата, Т.В. со сила и со закани го присилил да склучи договор за купопродажба на имот, заверен кај нотар. На 27.09.2023, пријавениот направил фалсификуван купопродажбен договор за моторно возило кај нотарот во период кога оштетениот бил надвор од државата. Второпријавениот, кривичното дело го сторил како овластено лице на третопријавено правно лице - нотар, на тој начин што на 27.09.2023 без согласност и без присуство на оштетениот, прибрал, обработувал и користел лични податоци на оштетениот и заверил лажен договор за купопродажба на моторно возило, во кој е наведено дека сопствениот на возилото му го продава на И.А. од Гостивар во износ од 1.000 евра, во период кога оштетениот бил надвор од државата.
СВР Куманово поднесе кривична пријава против Н.Л. и правен субјект од Куманово поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „повреда на права од индустриска сопственост и неовластена употреба на туѓа фирма“. Првопријавениот, со намера за себе и за второпријавеното правно лице да прибави противправна имотна корист, неовластено изложил, понудил за продажба и пуштил во промет фалсификувана текстилна стока и модни производи со поставени обележја како на оригинален продукт, кои се предмет на заштита, притоа повредувајќи ги туѓите заштитени трговски марки, туѓи заштитени индустриски дизајни, туѓи заштитени ознаки на потеклото на производот и географска ознака на трговски марки.
На 05.08.2025 во Скопје, на различни локации, полициски службеници од СВР Скопје ги лишија од слобода А.С.(22) од Белгија, Т.О.(38) од Скопје, П.С.(18) и малолетник, двајцата од с.Стајковци, скопско, затоа што кај нив била пронајдена и одземена марихуана. По целосно документирање на случаите ќе следуваат соодветни поднесоци.
На 05.08.2025 во 22:00 часот во СВР Скопје било пријавено дека на бул.„Христијан Тодоровски Карпош“ во Скопје, патничко возило „ауди“ со скопски регистарски ознаки, управувано од Ф.Ф.(23) од Скопје, удрило во 11-годишна малолетничка од Скопје. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобила малолетничката, констатирани во Комплекс клиники „Мајка Тереза“ Скопје. Извршен бил увид од увидна екипа на СВР Скопје.
На 05.08.2025 околу 16:45 часот во СВР Велес било пријавено дека на делницата од автопатот А1 во правец од Велес кон Градско, патничко возило „бмв“ со национални ознаки на Босна и Херцеговина, управувано од С.В.(32) од Босна и Херцеговина, излетало од патот. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобила неговата сопатничка Т.Р.(26) од Босна и Херцеговина, додека со телесни повреди се здобил возачот, констатирани во Општа болница Велес. Извршен бил увид од увидна екипа на СВР Велес.
На 05.08.2025 во 13:10 часот во ОВР Гевгелија било пријавено дека на ул.„Моински пат“ во Гевгелија, патничко возило „мицубиши“ со гевгелиски регистарски ознаки, управувано од А.С.(20) од Гевгелија, удрило во 11-годишен малолетник од Гевгелија, а потоа и во паркирано патничко возило „бмв“ со струмички регистарски ознаки. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил возачот, додека со телесни повреди малолетникот, констатирани во Медицински центар Гевгелија. Извршен бил увид од увидна екипа на СВР Струмица.
На 05.08.2025 околу 20:55 часот во ОВР Радовиш било пријавено дека на регионалниот пат Р 1403 Радовиш-село Воиславци, кај место викано „Воиславска кривина“ - општина Радовиш, А.В.(34) од с.Сулдурци, радовишко, управувајќи мотоцикл „хамачи“ без регистарски ознаки, изгубил контрола и излетал од коловозот. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил мотоциклистот, констатирани во Јавната здравствена установа Радовиш. Извршен бил увид од увидна екипа на ОВР Радовиш.
На 05.08.2025 околу 11:15 часот во СВР Куманово било пријавено дека на автопатот Куманово-Граничен премин Табановце, патничко возило „фолксваген“, управувано од Д.С.(29) од Република Србија, удрило во метален столб од бензинска пумпа. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобиле неговите сопатници Т.Т.М.(29) и А.М.(56), двајцата од Велика Британија и С.С.(53) од Република Србија, констатирани во Комплекс клиники „Мајка Тереза“ Скопје. Извршен бил увид од увидна екипа на СВР Куманово.
На 06.08.2025 околу 01:10 часот во СВР Скопје, од Ургентен центар при Комплекс клиники „Мајка Тереза“ било пријавено дека кај нив со повреди од огнено оружје бил донесен О.Е.(25) од Скопје. Според пријавеното, околу 00:30 часот пред дворот од негова куќа на подрачје на Бит Пазар, поради недоразбирање во сообраќајот, настанала расправија помеѓу него и соседот Ќ.Ч., по што соседот физички го нападнал. Како што е пријавено, после тоа Ќ.Ч. и лицата М.Ч., Ш.Ч., О.Ч. и Б.М. влегле во дворот на О.Е. и физички ги нападнале и неговиот татко и брат Д.Е. и М.Е., при што Ќ.Ч. извадил пиштол, пукал и го погодил О.Е. во градниот кош и раката. Увид извршила екипа на СВР Скопје и на местото биле пронајдени три чаури. По целосно расчистување и документирање на случајот, ќе бидат поднесени соодветни пријави.
На 05.08.2025 во 19.45 часот на бул.„Илинден“ на подрачјето на Центар, полициски службеници од СВР Скопје го лишиле од слобода М.М.(37) од Сојузна Република Германија поради сомнение за сторено кривично дело по член 319 од Кривичниот законик. На мотоциклот со тетовски регистарски ознаки, кој го управувал, имал истакнато симбол што предизвикува национална верска и расна омраза и нетрпеливост. Известен бил јавен обвинител и по целосно документирање на случајот, против него ќе биде поднесена соодветна пријава.
На 05.08.2025 во СВР Скопје било пријавено дека околу 16:45 часот на подрачјето на Бит Пазар во Скопје, Ч.С. (21) од Скопје со остар предмет бил нападнат од едно лице. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
На 05.08.2025 во 22:30 часот во Полициската станица Карпош, од Јавна установа за згрижување деца - Козле било пријавено дека во установата се вратил нивниот штитеник Х.С.(16), за кој на 04.08.2025 беше пријавено дека се оддалечил од установата.
На 05.08.2025 околу 08:00 часот во СВР Скопје било пријавено дека на ул.„Струшка“ во Скопје, едно лице ја турнало В.Т.(67) од Скопје и со закана со пиштол од неа одзел личен накит. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
На 05.08.2025 околу 23:30 часот на подрачјето на Чаир, полициски службеници од СВР Скопје ги лишиле од слобода К.Р.(54), Бе.Р.(24), Б.Р.(24) и 14-годишник, сите од Скопје. Според пријавеното, околу 22.50 часот на подрачјето на Чаир, Бе.Р. и Б.Р. физички го нападнале Б.С. од Скопје, при што Бе.Р. извадил пиштол со намера да пука по што заминале од лице место. Откако биле пронајдени, двајцата со нивниот татко К.Р. и 14-годишниот брат физички ги нападнале полициските службеници, по што сите биле лишени од слобода. По целосно документирање на случајот, против нив ќе бидат поднесени соодветни пријави.
На 05.08.2025 во 18:27 часот во СВР Скопје, Д.С.(51) од Скопје пријавил дека околу 18.25 часот на подрачјето на општина Аеродром во Скопје бил физички нападнат од З.Ш.(40) од Скопје. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.
На 05.08.2025 во 20:09 часот во СВР Скопје, од Казнено - поправната установа Затвор Идризово било пријавено дека на 04.08.2025 во кругот на установата, при преглед кај осуденикот Н.Н.(30) од Скопје била пронајдена и одземена марихуана. Се преземаат мерки за расчистување на настанот.
На 04.08.2025 во 02:00 часот во СВР Скопје, од Градската општа болница „Св.Наум Охридски“ Скопје било пријавено дека кај нив со повреди била донесена 52-годишна жена од Скопје. Според пријавеното, на 03.08.2025 околу 23 часот таа била физички нападната од нејзиниот сопруг И.Ш.(53) од Скопје, при што се здобила со повредите. По целосно документирање на случајот, против И.Ш. ќе биде поднесена соодветна пријава.
Денеска (06.08.2025) околу 00:30 часот во СВР Скопје било пријавено дека на влезот во с.Огњанци, скопско, по претходна расправија, бил нарушен јавниот ред и мир со физичка пресметка помеѓу Н.Р.(49) и А.Р.(48), од една страна и Б.Ќ.(33), Р.Б.(19), И.Б.(19) и Р.Б.(40), од друга страна, сите од с.Огњанци. По целосно документирање на случајот ќе следуваат соодветни поднесоци.