На 28.05.2026 во 23:00 часот во СВР Скопје е пријавено дека на ул.„34“ во населбата Илинден се случила сообраќајна несреќа помеѓу патничко возило „бмв“ со скопски регистарски ознаки управувано од А.С.(23) и мопед управуван од П.С.(20) двајцата од населба Илинден. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил возачот на мопедот констатирани во Комплексот клиники „Мајка Тереза“. Извршен е увид од увидна екипа од СВР Скопје.
На 28.05.2026 околу 21:10 часот во СВР Куманово е пријавено дека на регионалниот пат Куманово-Скопје во с.Черкези, кумановско се случила сообраќајна несреќа помеѓу патничко возило „мерцедес“ со кумановски регистарски ознаки управувано од Ф.С.(24) од Куманово и електричен тротинет управуван од 13-годишен малолетник од с.Черкези. По несреќата малолетникот бил пренесен во Општата болница Куманово каде од страна на лекар констатирана била смрт. Во 21:20 часот во Полициската станица Куманово возачот бил лишен од слобода. Извршен е увид од Јавен обвинител и увидна екипа од СВР Куманово.
На 28.05.2026 година во 22:45 часот во Полициската станица Гевгелија е пријавено дека на булевар „Гевгелија” мопед со гевгелиски регистарски ознаки, управувам од 16 годишен малолетник од Гевгелија удрил во пешакот В.С.(57) од Гевгелија. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобиле пешакот и 17 годишен сопатник на моторот од село Моин, гевгелиско. Повредите се констатирани во Медицински центар Гевгелија, а увид на местото изврши екипа на ОВР Гевгелија.
На 28.05.2026 година, полициски службеници од СВР Тетово лишија од слобода две лица на возраст од 58 и 37 години, двете од села на подрачје на Тетово. Претходно, истиот ден во 16:45 часот, во СВР Тетово, 62 годишно лице исто така од тетовско село пријавила кривично дело „полово вознемирување“ со елементи на обљуба извршено врз нејзината малолетна внука од страна на 58 годишното лице. Според пријавеното настанот се случил во декември 2024 година, кога тогаш 15-годишната малолетничка се враќала од Тетово со комбе кое го управувал пријавениот, при што истиот со употреба на физичка сила извршил обљуба врз неа. По извесен период малолетничката го раскажала настанот на нејзината 37 годишна мајка која била во врска со 58 годишното лице но истата не го пријавила настанот. Лицата се задржани во полициска станица, за настанот е известен Јавен обвинител. По целосно документирање на случајот ќе биде поднесен соодветен поднесок.
На 29.05.2026 во 00:30 часот, во Полициската станица Гази Баба полициски службеници од СВР Скопје го лишија од слобода С.Е.(45) од скопско по претходна пријава дека физички го нападнал неговиот малолетен син. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.
На 28.05.2025 околу 19:30 часот во СВР Скопје 35-годишна жена пријави дека на подрачјето на Шуто Оризари била физички нападната од нејзиниот вонбрачен партнер Е.М.. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
На 28.05.2026 во 20:30 часот во СВР Скопје 41-годишна жена пријави дека од страна на нејзиниот поранешен вонбрачен партнер М.А. била психички вознемирувана и истиот и упатувал закани. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
На 28.05.2026 во 22:15 часот во СВР Скопје Е.С.(33) од Скопје пријави дека околу 21:50 часот на подрачјето на Чаир во автобус нејзиниот малолетен син бил физички нападнат од двајца малолетници. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
На 28.05.2026 околу 10:50 часот во СВР Скопје Г.Ш.(63) од Скопје пријави дека во двор од куќа на подрачјето на Бутел од заталкано зрно од огнено оружје било оштетено ветробранско стакло од неговото возило „сеат“ со скопски регистарски ознаки. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
СВР Куманово поднесе кривична пријава против Б.Б.(58), правен субјект и Л.Т.(61), сите од Куманово, поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „бесправно градење“ и „злоупотреба на службена положба и овластување“. Првопријавениот, како управител на второпријавеното правно лице, во својство на инвеститор и организатор на градежни работи, во текот на 2022 година со Одобрение за градење, издадено на неговиот татко и на друго лице, извел градежни работи од втора категорија и изградил магацин спротивно на основниот проект, односно направил измени во текот на градбата и изградил уште еден кат на магацинот. Третопријавената, во својство на градежен инспектор во Секторот за инспекциски надзор при општина Куманово, не презела дејствија за кои била должна да ги преземе.
ОВР Крива Паланка поднесе кривична пријава против И.С.(50) и правен субјект од Крива Паланка поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „узурпација на недвижности“. Во периодот од 2021 до 2025 година, во дел од три катастарски парцели запишани во имотен лист во државна сопственост со вкупна површина од 518 метри квадратни, првопријавениот во својство на сопственик и управител на второпријавеното правно лице како инвеститор, со намера за владение зазеле туѓа недвижност, имот во општа употреба во сопственост на државата и бесправно изградиле потпорни ѕидови, настрешница, помошен објект и скали со што оневозможиле користење на просторот од граѓаните на РСМ. Притоа, тие не обезбедиле потребна техничка документација со намера да бидат употребени за вршење на угостителска дејност во корист на второпријавеното правно лице и на тој начин го оштетиле државниот буџет.
ОВР Струга поднесе кривична пријава против Г.М.(53) од струшкото село Калишта, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „Предизвикување општа опасност“ по член 288 од Кривичниот законик. Тој, на 09.04.2026 година, на сопствено земјиште лоцирано покрај регионалниот пат Струга-Калишта, запалил сува трева и нискостеблеста вегетација која претходно ја собрал а набрзо, пожарот се проширил и кон дрвниот насад со јасика покрај патот. При пожарот, немало повредени лица.