Со еден клик до сите услуги

https://uslugi.gov.mk/

Извадок на дел од дневните настани 29.07.2025

Министерство за внатрешни работи Министерство за внатрешни работи

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Ресен поднесе кривична пријава против М.С.(68) од с.Сливница, ресенско, поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „бесправно градење“ и „узурпација на недвижности”. Во периодот 2021-2022 година во Ресен, пријавениот во својство на инвеститор на повеќе катастарски парцели, од кои за една парцела имал право на сопственост, а останатите биле во сопственост на државата, изградил угостителски објект.

 

СВР Струмица поднесе кривична пријава против А.С.(47) од с.Старо Балдовци, струмичко, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „кражба“ на дрва. На 03.06.2025 на регионалниот пат Берово-Струмица, на место викано „Осмиците’’, полициски службеници го затекнале пријавениот како во патничко возило „фолксваген шаран“ со бугарски национални ознаки врши утовар на огревно дрво без документација и жиг. 

 

СВР Штип поднесе кривична пријава против А.Д.(43) од Штип поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурзори “. Во декември 2024 година при влез во Казнено - поправната установа Затвор Штип, затворските службеници извршиле контрола и кај пријавениот пронашле и одзеле марихуана и амфетамин.

 

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Гостивар поднесе кривична пријава против К.Ж.(29) од Скопје поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело ,,насилство“. На 21.06.2025 во село Лазарополе, општина Маврово и Ростуше, пријавениот оштетил прозорец од еден хотел и со тврд предмет се обидел да го нападне С.Р.(26) од Скопје.

 

СВР Куманово поднесе кривична пријава против С.Ј.(31) од Куманово и правно лице од Куманово поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „повреда на права од индустриска сопственост и неовластена употреба на туѓа фирма“. На 08.02.2025 во Куманово, при извршена контрола во правниот субјект било констатирано дека се врши продажба на над 213 видови текстилна роба со фалсификувани ознаки на трговски марки со заштитен знак, а кои првопријавениот ги набавил од друга земја без соодветна документација.

 

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Кичево поднесе кривична пријава против Џ.Ј.(60) од с.Зајас, кичевско, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „вршење на јавен превоз без поседување лиценца“. На 07.05.2025 на магистралниот пат Охрид-Кичево, полициски службеници го затекнале како со возило врши јавен превоз на патници без да поседува лиценца за вршење на општински превоз на патници во внатрешниот патен сообраќај.  

 

На 28.07.2025 во Скопје, на подрачјето на Центар, полициски службеници од СВР Скопје ги лишиле од слобода Ш.К.(22) и Е.Н.(26), двајцата од с.Арачиново, скопско, затоа што кај нив биле пронајдени и одземени марихуана и грутчеста материја. По целосно документирање на случаите ќе следуваат соодветни поднесоци. 

 

На 28.07.2025 околу 12.20 часот во СВР Куманово било пријавено дека на магистралниот пат Куманово- Крива Паланка, кај место викано ,,Ливади“, се случила сообраќајна несреќа помеѓу товарно возило „ман“ со кривопаланечки регистарски ознаки, управувано од О.П.(48) од Крива Паланка и патничко возило „пежо“ со кумановски регистарски ознаки, управувано од Б.С.(70) од с.Руѓинце, општина Старо Нагоричане. Од здобиените повреди на местото починал возачот Б.С., а лекар од Итна медицинска помош констатирал смрт. Извршен е увид од јавен обвинител и увидна екипа на СВР Куманово.    

 

Нa 28.07.2025 во 16.30 часот, полициски службеници од Регионалниот центар за гранични работи Север го лишиле од слобода Т.М.П.(47) од Република Турција затоа што при гранични проверки било констатирано дека на увид приложил фалсификуван документ. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветна пријава. 

 

На 29.07.2025 околу 00.45 часот во СВР Скопје било пријавено дека на ул.„500“ во с.Марино, општина Илинден, патничко возило „сеат ибица“ со скопски регистарски ознаки, управувано од Т.В.(20) с.Дељадровци, општина Илинден, излетало од патот. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил сопатникот Ф.А.(23), додека со телесни повреди се здобил возачот, констатирани во Комплекс клиники „Мајка Тереза“ во Скопје. Извршен бил увид од увидна екипа на СВР Скопје.

 

На 28.07.2025 во 13.15 часот во СВР Охрид било пријавено дека на ул.„15 Корпус“ во Охрид се случила сообраќајна несреќа помеѓу патничко возило „пежо“ со охридски регистарски ознаки, управувано од Г.К.(32) од с.Лескоец, охридско и патничко возило „шкода“ со охридски регистарски ознаки, управувано од З.Д.(51) од с.Лескоец, охридско. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобиле сопатниците од патничкото возило „пежо“, 62-годишната Л.П. и К.П.(30), двајцата од с.Лескоец, охридско, додека со телесни повреди двајцата возачи, констатирани во Специјалната болница „Св.Еразмо“ во Охрид. По наредба на јавен обвинител, извршен бил увид од увидна екипа на СВР Охрид. 

 

На 28.07.2025 во 11.15 часот во ОВР Прилеп, Ж.Х.(65) од Прилеп пријавил дека во дворот од семејната куќа пронашол две експлозивни направи. Пиротехничар од Дирекцијата за заштита и спасување ги подигнал експлозивните направи и констатирал дека се работи за две рачни бомби. Извршен бил увид.    

 

На 28.07.2025 во 11.30 часот, патролен тим од Полициската станица за граничен премин и граничен надзор Меџитлија, на место викано „Мост“ пронашле две гранати, кои биле безбедно подигнати од пиротехничар од Дирекцијата за заштита и спасување. Извршен бил увид.    

 

На 28.07.2025 во 23.10 часот во светиниколско село, полициски службеници од ОВР Свети Николе го лишиле од слобода И.С.(43) од истото село затоа што во дворот од семејната куќа им упатувал закани на неговиот 70-годишен татко и неговиот брат, по што со тврд предмет нападнал полициски службеник додека извршувал службени дејствија. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.    

 

Денеска (29.07.2025)  во 01.48 часот во СВР Скопје било пријавено дека на 28.07.2025 околу 23.00 часот на подрачјето на Бит Пазар, по претходно нерасчистени имотно - правни односи, Е.И. бил физички нападнат од три машки лица. Се преземаат мерки за расчистување на случајот. 

 

На 28.07.2025 во 15.10 часот во СВР Скопје било пријавено дека на подрачјето на Драчево во Скопје, по претходна расправија околу паркинг простор, бил нарушен јавниот ред и мир со физичка пресметка помеѓу Ш.З.(41 ) и С.М.(83), двајцата од Скопје. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок. 

 

На 28.07.2025 во 18.30 часот на Граничен премин Табановце, за излез од државата, со автобус допатувал С.С.(28) од Гостивар, со престој во Скопје, за кого на 04.04.2025 во Полициската станица Кисела Вода, неговиот татко пријави дека се оддалечил од семејниот дом.   

 

На 28.07.2025 во 09.30 часот во СВР Скопје, М.Н.(41) од Скопје пријавила дека на 27.07.2025 околу 19.30 часот на подрачјето на Гази Баба, додека нејзиниот 15-годишен син управувал  мотоцикл со скопски регистарски ознаки, бил удрен од патничко возило „опел астра“, во кое се превезувале две машки лица, при што едниот од нив му упатил и закани. Се преземаат мерки за расчистување на случајот. 

 

На 28.07.2025 во 16.00 часот во СВР Скопје, 51-годишна жена од Скопје пријавила дека на 22.07.2025 околу 18.30 часот во семејниот дом на подрачјето на општина Аеродром, по претходни несогласувања, нејзиниот сопруг Г.А.(53) од Скопје и се заканил со огнено оружје, по што оштетил лични предмети на членовите на семејството. Полициски службеници од Полициската станица Кисела Вода извршиле службен разговор со него и по целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.  

 

Денеска (29.07.2025) во 00.05 часот во Полициската станица Карпош, од Јавна установа за згрижување деца било пријавено дека нивниот штитеник Х.С.(16) се оддалечил од установата, од која и претходно се оддалечувал и бил враќан. Се преземаат мерки за пронаоѓање на лицето. 

 

На 28.07.2025 во 14.28 часот во СВР Скопје, Ј.З.(39) од Скопје пријавила дека околу 15.00 часот на подрачјето на Бит Пазар, нејзината малолетна ќерка била физички нападната од три малолетнички, од кои едната ја познавала. Откако ги разделила, според пријавеното, се вратила во објектот во кој работела, и за кратко време влегле машко и две женски лица, при што физички го нападнале нејзиниот 10-годишен син, а потоа и нејзината малолетна ќерка. Подоцна, во 15.28 часот, З.Х.(43) од Скопје пријавил дека неговата 12-годишна ќерка, заедно со уште две малолетнички  биле физички нападнати од Ј.З.(39) и нејзината малолетна ќерка. Исто така, во 21.00 часот З.А.(46) пријавил дека неговите две малолетни деца на возраст од 15 и 11 години биле физички нападнати од малолетничка и нејзината мајка Ј.З.. Се преземаат мерки за расчистување на случајот. 

 

Денеска (29.07.2025)  во 08.15 часот во Штип, полициски службеници од СВР Штип го лишиле од слобода Ѓ.П.(70) од Штип, постапувајќи по претходна пријава дека на 28.07.2025 во Штип допирал по телото малолетничка од Штип. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветна пријава. 

 

На 28.07.2025 во 12.02 часот во СВР Скопје било пријавено дека над с.Бучинци, општина Илинден, настанал пожар на нискостеблеста шума. Од пожарот бил опожарен еден објект со хаварисани возила, сопственост на А.К.(60) од Скопје. Од екипа на Бригадата за противпожарна заштита Скопје пожарот бил локализиран, а поради вдишување на чад на две лица им била пружена лекарска помош.

Мени за пристапност