ОВР Гостивар поднесе кривична пријава против двајца 39-годишни поранешни сопружници од Гостивар поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „телесна повреда“. На 09.03.2026 во семејната куќа во Гостивар, по претходна расправија, настанала физичка пресметка помеѓу пријавените, при што мајката физички ја нападнала нивната малолетна ќерка, која сакала да го извести дедото за случувањата во домот.
ОВР Прилеп поднесе кривична пријава против Б.К.(33) од Прилеп поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „спречување на службено лице во вршење на службено дејствие“. На 10.02.2026 во с.Сенокос, пријавениот во два наврати попречил движење на запленето возило и се обидел да ги земе клучевите од возилото во кое имало полициски службеници и лице лишено од слобода.
ОВР Кавадарци поднесе кривична пријава против А.И.(31) од Кавадарци поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурзори". На 03.10.2025, полициски службеници извршиле преглед над пријавениот, при што пронашле и одзеле амфетамин и марихуана.
Надворешната канцеларија за криминалистичка работи Гостивар поднесе кривична пријава против Б.О. (59) од Гостивар поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурзори“. Во март 2026 година, полициски службеници извршиле претрес во домот на пријавениот и во неговата викенд куќа во с.Леуново, општина Маврово и Ростуше, при што во двата објекти и дворните места била пронајдена и одземена марихуана.
На 28.03.2026 во 21:15 часот во Свети Николе, полициски службеници од ОВР Свети Николе ги лишија од слобода А.П.(25) од с.Горобинци, светиниколско и Д.Т.(30) од Свети Николе. При извршен претрес, со претходно издадена судска наредба, во домот и други простории на Д.Т., биле пронајдени и одземени прашкаста материја, шише со течност и дигитална вага со остатоци од прашкаста материја, а кај А.П., која била затекната во домот, била пронајдена и одземена прашкаста материја. Известен е јавен обвинител и по целосно документирање на случајот, против нив ќе следуваат соодветни поднесоци.
На 28.03.2026 во Скопје, на различни локации, полициски службеници од СВР Скопје ги лишија од слобода М.С.(45) и Е.Ш.(30) двајцата од Скопје, затоа што кај нив е пронајдена и одземена марихуана. По целосно документирање на случаите ќе следуваат соодветни поднесоци.
На 28.03.2026 во СВР Велес било пријавено дека околу 07:00 часот, на ул.„Сараевска“ во село Горно Оризари, велешко, се случила сообраќајна незгода помеѓу патничко возило „шевролет“ со велешки регистарски ознаки, управувано од Ј.Х.(51) од село Горно Оризари и патничко возило „опел“ со велешки регистарски ознаки, управувано од 29-годишната Ј.А од село Горно Оризари. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил Ј.Х, а со телесни повреди се здобила Ј.А., констатирани во Општата болница Велес. Извршен е увид од увидна екипа од СВР Велес.
На 28.03.2026 околу 12:30 часот во СВР Скопје е пријавено дека на крстосница од ул.„Зеф Љуш Марку“ и ул.„Фан Ноли“ во Скопје се случила сообраќајна незгода помеѓу патничко возило „опел астра“ со штипски регистарски ознаки, управувано од П.И.(55) од Штип и детски тротинет, управуван од малолетничка од Скопје. Во незгодата со тешки телесни повреди се здобила нејзината малолетна сопатничка која исто така се превезувала на тротинетот, констатирани во Градската општа болница „Св.Наум Охридски“. Извршен е увид од увидна екипа од СВР Скопје.
|
|
|
На 28.03.2026 околу 09:15 часот во СВР Скопје е пријавено дека на крстосница од сервисна улица и бул.„Јане Сандански“ во Скопје, патничко возило „шкода“ со скопски регистарски ознаки, управувано од М.Н.К.(68) од Скопје удрило во 75-годишната Р.Т. од Скопје. Во незгодата со тешки телесни повреди се здобила Р.Т., констатирани во Градската општа болница „Св.Наум Охридски“. Извршен е увид од увидна екипа од СВР Скопје.
На 28.03.2026 полициски службеници од СВР Куманово го лишија од слобода Р.Р.(30) од Куманово. Тој се сомничи дека во различни временски периоди одзел предмети од деловен објект и патничко возило, а се обидел и да одземе предмети од приватен имот. По целосно документирање на случајот против него ќе следува соодветна пријава.
На 29.03.2026 околу 03:50 часот во СВР Скопје е пријавено дека на 28.03.2026 околу 23:00 часот на автобуска постојка на подрачјето на Карпош малолетник од с.Волково, скопско бил физички нападнат од група малолетници. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
На 28.03.2026 во СВР Скопје од Итна медицинска помош е пријавено дека во домот на подрачјето на Кисела Вода пронајдена била почината Н.А.Л.(43) од Скопје. Од страна на лекар констатирана била смрт. Извршен е увид, а по насоки од јавен обвинител телото на починатата е дадено за обдукција.
На 28.03.2026 околу 20:30 часот во СВР Скопје е пријавено дека на подрачјето на Гази Баба настанал пожар во напуштена куќа. Повредени лица нема. Пожарот е изгаснат од Бригадата за противпожарна заштита.
На 28.03.2026 во 23:00 часот на ул.„Благоја Тоска“ во Тетово, полициски службеници од СВР Тетово го лишија од слобода И.Ц.(44) од Тетово, затоа што при преглед кај него била пронајдена и одземена бела прашкаста материја, а истиот изјавил дека ја купил од Ш.Б.(62) од Тетово. По преземени мерки околу 23:40 часот во Тетово, полициски службеници го лишија од слобода Ш.Б., поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“ и кај него биле пронајдени и одземени два мобилни телефони и пари. Тие биле задржани во полициска станица и по целосно документирање на случајот против нив ќе следуваат соодветни поднесоци.
На 28.03.2026 во 22:40 часот на ул.„167“ во Тетово, полициски службеници од СВР Тетово, ги лишија од слобода Р.М. (39) од Тетово и А.М. (39) од с. Брвеница, затоа што при преглед кај А.М. била пронајдена и одземена бела прашкаста материја. Тие се задржани во полициска станица за понатамошна постапка и по целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.
На 28.03.2026 во 20:50 часот во СВР Тетово е пријавено дека во с.Долно Седларце, општина Брвеница, патничко возило удрило во пешакот З.С.(70) од Тетово по што возачот со возилото го напуштил местото на настанот. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил пешакот, констатирани во Клиничката болница Тетово. Извршен е увид од увидна екипа од СВР Тетово и се преземаат мерки за расчистување на случајот.
На 28.03.2026 во 21:00 часот во СВР Скопје е пријавено дека пред угостителски објект на подрачјето на Карпош, по претходно недоразбирање, бил нарушен јавниот ред и мир со физичка пресметка помеѓу Т.М.(18) и А.Ј.(18) двајцата од Скопје од една страна и тројца малолетници сите од Скопје, од друга страна. Тие се приведени во полициска станица и по целосно документирање на случајот, ќе следува соодветен поднесок.