Со еден клик до сите услуги

https://uslugi.gov.mk/

Извадок на дел од дневните настани 24.07.2025

Министерство за внатрешни работи Министерство за внатрешни работи

СВР Тетово поднесе кривична пријава против М.Х.(28) од Гостивар поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги и психотропни супстанци и прекурзори“. На 28.03.2025 во Тетово, полициски службеници извршиле преглед над пријавениот, при што пронашле и одзеле марихуана.

 

СВР Битола поднесе кривична пријава против И.О.(34) од Битола поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „измама“ и ,,употреба на исправа со невистинита содржина“ и Ј.О.(34) од Битола поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело ,,фалсификување исправи“. Првопријавената И.О. лажно прикажала дека е овластено лице-претседател на Здружение за коњички спортови и заштита на коњи од Битола, со што довела во заблуда правен субјект од Куманово, односно негов локален застапник- дистрибутер од Битола на тој начин што не го подмирила долгот за извршена испорака и нанела штета во износ од 570.000 денари. Второпријавената, со помош на апликација во нејзиниот телефон, извршила преправка на тековната состојба од Здружението за коњички спортови во рубриката „овластени лица“ со намера таквата исправа да се употреби како вистинита. На тој начин, првопријавената како доказ во правниот сообраќај ја употребила фалсификуваната тековна состојба, при што со лажно прикажување и со прикривање на фактите го довела во заблуда правното лице од Куманово да склучат договор за соработка од 09.04.2024 и правното лице - застапник од Битола, како дистрибутер да изврши испорака на производи.

 

СВР Тетово поднесе кривична пријава против И.Н.(65) од с.Мала Речица, тетовско, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „спречување на службено лице во вршење службено дејствие“. На 19.05.2025 на регионалниот пат од Тетово кон с.Волковија, пријавениот со патничко возило „ауди“, кое го управувал, одбил наредба дадена од полициски службеник и го попречил движењето на крстосницата.

 

Одделението за прекуграничен криминал, миграции, странци и реадмисија Куманово поднесе кривична пријава против И.Ф.(41) од с.Горно Строгомиште, кичевско, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „фалсификување исправа“. На 29.06.2025 на Граничен премин Табановце, за влез во државата, пријавениот на увид приложил фалсификувана возачка дозвола.  

 

СВР Тетово поднесе кривична пријава против правно лице-друштво за туризам, угостителство и услуги од Скопје и против А.М.(25) од Охрид, вработен во правниот субјект, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „повреда на правото од пријавен или заштитен пронајдок и топографија на интегрални кола“. На 29.01.2025, при контрола во казино во с.Боговиње, тетовско, претставници на Управата за јавни приходи Тетово, Државен инспекторат за труд Тетово, Државен пазарен инспекторат констатирале дека компјутерот со два сервисни тага е со сомнителна лиценца за програмa, која се појавува на 16 клубови на територијата на државата, а легално лиценцата може да биде инсталирана само на еден уред.

 

На 23.07.2025 во Скопје, на подрачјето на Кисела Вода, полициски службеници го лишија од слобода А.Ш.(29) од Скопје, затоа што кај него е пронајдена и одземена прашкаста материја. По целосно документирање на случајот ќе следуваа соодветен поднесок. 

 

На 23.07.2025 во 10.00 часот во СВР Тетово е пријавено дека на крстосница од улица ,,Илинденска" со улица ,,ЈНА" во Тетово, М.Р.(49) од Тетово, управувајќи мотоцикл „хонда" со тетовски регистерски таблици, излетал од патот. Во несреќата, М.Р. се здобил со тешки телесни повреди, констатирани во Клиничка болница Тетово. Увид на местото извршила екипа од СВР Тетово.

 

На 23.07.2025 во 22.45 часот во СВР Тетово било пријавено дека на регионалниот пат Тетово- Попова Шапка се случила сообраќајна несреќа помеѓу патничко возило „мерцедес" со косовски национални ознаки, управувано од Н.Р.(41) од Тетово и патничко возило „ауди“ со тетовски регистарски ознаки, управувано од И.Ј.(22) од с.Челопек, тетовско. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобила сопатничката од возилото „ауди“ - Б.Џ.(19) од Тетово, констатирани во Клиничка болница Тетово. Увид на местото извршила екипа од СВР Тетово.

 

На 23.07.2025 во 12.09 часот во СВР Куманово било пријавено дека на регионалниот пат Куманово-Свети Николе, атар на с.Зубовце, кумановско, патничко возило „фолксваген пасат“ со кумановски регистарски ознаки, управувано од Н.Б.(42) од Куманово, удрило во двајца малолетни  велосипедисти од Исланд, кои се учесници на младинските европски олимписки игри, што се одржуваат во нашата земја и кои се подготвувале за денешната велосипедска трка. Во незгодата со телесни повреди се здобиле двајцата велосипедисти, констатирани во Општа болница Куманово. Извршен е увид од увидна екипа на СВР Куманово. 

 

На 24.07.2025 во 00.56 часот во СВР Куманово било пријавено дека неколку лица влегле во сите влезови на зграда која е над трговски центар на булеварот „Трета македонска ударна бригада“ во Куманово и се распрашувале за вработени во Основен суд Куманово. Се преземаат мерки за расчистување на случајот. 

 

На 23.07.2025 во 14.10 часот, полициски службеници од СВР Скопје ги лишиле од слобода У.П.(44) и А.Б.(50), двајцата од Скопје, постапувајќи по претходна пријава дека во Градската општа болница „8 Септември“ - Скопје го нарушиле јавниот ред и мир со агресивно однесување кон вработените, при што А.Б. физички го нападнал И.И.(33) од с.Грчец, скопско, вработен како обезбедување во установата. По целосно документирање на случајот ќе следуваат соодветни поднесоци.  

 

На 23.07.2025 околу 14.00 часот во Полициската станица Кисела Вода, полициски службеници го лишиле од слобода В.Б.(47) од Скопје, затоа што во полициската станица агресивно се однесувал и физички нападнал полициски службеник. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветна пријава. 

 

На 23.07.2025 околу 18.10 часот во СВР Скопје било пријавено дека на бул.„Никола Карев“ во Скопје настанал пожар во продажен објект, сопственост на А.Л. (30) од с.Визбегово, скопско. Од пожарот е зафатена и фасада на соседната куќа, сопственост на Ф.Ш.(44) од Скопје. Пожарот е изгаснат од Бригадата за противпожарна заштита Скопје, а повредени лица нема. Извршен е увид од увидна екипа на СВР Скопје. 

 

На 23.07.2025 во 11.30 часот во СВР Скопје, 42-годишна жена од Скопје пријавила дека на 20.07.2025 околу 10.00 часот во семејниот дом на подрачјето на Центар во Скопје, нејзиниот сопруг, со кој е во бракоразводна постапка, физички ја нападнал. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветна пријава.

 

На 23.07.2025 во 12.20 часот во СВР Скопје, А.А.(36) од Скопје пријавил дека околу 11.00 часот во стан на подрачјето на Кисела Вода бил физички нападнат од две лица, при што едниот употребил остар предмет. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

 

На 23.07.2025 во 21.30 часот во СВР Скопје, Б.Т.(27) од Скопје пријавил дека околу 16.30 часот во комбе на паркинг на подрачјето на Гази Баба во Скопје бил физички нападнат од А.Џ. од с.Арачиново и од неговиот брат. Се преземаат мерки за расчистување на случајот. 

 

На 23.07.2025 во 20.35 часот во СВР Скопје било пријавено дека на автобуска постојка кај Меѓуградската автобуска станица во Скопје бил пронајден И.А.(12), за кој на 22.07.2025 од Јавната здравствена установа за згрижување на деца беше пријавено дека се оддалечил од установата. Лицето е предадено во установата.  

 

Мени за пристапност