Со еден клик до сите услуги

https://uslugi.gov.mk/

Извадок на дел од дневните настани 23.07.2025

СВР Тетово поднесе кривична пријава против В.З.(52) од с.Требовле, општина Македонски Брод и правно лице со седиште во с.Брвеница, тетовско, сопственост на Д.С.(56) и Н.Ј.(50), двете од с.Брвеница, поради постоење основи на сомнение дека сториле кривични дела „тешки дела против општата сигурност“ и „предизвикување опасност при градежни работи“ . Пријавениот В.З., додека работел со работна машина багер, сопственост на правното лице, удрил во патничко возило во кое сопатничка се здобила со телесна повреда.  

 

СВР Тетово поднесе кривична пријава против Л.Р.(46) од с.Порој, тетовско, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „предизвикување општа опасност“. На 17.03.2025, пријавениот со пневматска пушка испукал проектил, при што ѝ нанел повреда на Ќ.Р. од Тетово. Тој бил лишен од слобода, а одземена му била пушката, дозволата за оружје и кутија со дијаболи. 

 

СВР Тетово поднесе кривична пријава против Ф.Ј.(29) од с.Пирок, тетовско, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „недозволено изработување, држење и тргување со огнено оружје или распрскувачки материи“. На 16.02.2025, полициски службеници извршиле претрес во домот на пријавениот, при што пронашле и одзеле куршуми калибар 6.35мм. 

 

СВР Охрид поднесе кривична пријава против правно лице-продавница за пијалоци од Струга, против П.С.(49)-сопственичка на правното лице и вработената М.М.(27), двете од Струга, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „точење алхохолни пијалоци на дете“. На 26.05.2025, по претходна пријава од Медицински центар Струга дека кај нив биле донесени две малолетни деца затруени од алкохол, полициски службеници преземале мерки и констатирале дека во продавницата не им бил побаран документ за идентификација на децата и не била испочитувана забраната за продажба на алкохолни пијалоци на малолетни лица, односно им било овозможено да купат алкохол. 

 

СВР Охрид поднесе кривична пријава против С.Р.(30) од Скопје поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „запуштање и малтретирање на дете“. На 10.07.2025 во угостителски објект во Дебар бил затекнат пријавениот со дете кое питачело. При претрес кај пријавениот биле пронајдени и одземени пари, а детето било предадено на Центарот за социјални работи Дебар. 

 

СВР Битола поднесе кривична пријава против В.В.(64) од с.Стење, ресенско, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „незаконит риболов“. На 21.05.2025 на место викано „Черти Камен“, од термовизиско возило на Полициската станица за граничен премин и граничен надзор Стење бил забележан пријавениот како го извршува делото, по што кај него биле пронајдени рибарски мрежи со должина од 30-35 метри, батериска лампа и нож.

 

СВР Куманово поднесе кривична пријава против З.А.(47) од Куманово поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „фалсификување исправа“. Пријавениот, вработен во јавно претпријатие во Куманово, набавил фалсификувана диплома за завршено средно образование, која ја употребил при аплицирање на отворен јавен оглас во јавното претпријатие за унапредување на работно место и стекнување со повисока работна позиција, како и зголемување на приходи по основ на повисока плата, додатоци и привилегии.

 

СВР Куманово поднесе кривична пријава против Б.А.(42) од Крива Паланка и правно лице од Крива Паланка поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „повреда на права од индустриска сопственост и неовластена употреба на туѓа фирма“. При извршена контрола од Државен пазарен инспекторат и Царинска управа во продажен објект на второпријавеното правно лице било констатирано дека има изложено за продажба поголема количина на текстил и модни производи кои се означени со логотипи и визуелни елементи на регистрирани трговски марки, за кои првопријавениот не поседувал соодветна документација за потекло. Од страна на овластени застапници на носителите на правата од интелектуална сопственост на облеката со трговски марки е извршена анализа и било констатирано дека запленетата стока е фалсификат и го повредува правото од индустриска сопственост.  

 

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Струга поднесе кривична пријава против Г.И.(30) од Република Албанија поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „телесна повреда“. На 03.12.2024 во парк во Струга, пријавениот физички ја нападнал неговата 51-годишна поранешна партнерка од Охрид.

 

На 22/23.07.2025 во Скопје, на подрачјето на Чаир и општина Аеродром, полициски службеници од СВР Скопје ги лишиле од слобода С.Ѓ.(37) и Д.М.(20), двајцата од Скопје, затоа што кај нив била пронајдена и одземена марихуана. По целосно документирање на случаите ќе следуваат соодветни поднесоци. 

 

На 22.07.2025 во 21.00 часот на Граничен премин Табановце, на излез од државата, полициски службеници го лишиле од слобода Е.М.(36) од Република Албанија затоа што при гранична контрола било констатирано дека евидира со мерка „апси“ по барање на Интерпол, Албанија. Лицето било предадено на полициски службеници од СВР Куманово за понатамошна постапка. 

 

На 22.07.2025 околу 10.45 часот во СВР Скопје било пријавено дека на крстосницата од бул.„Гоце Делчев“ и ул.„Филип Втори Македонски“ во Скопје се случила сообраќајна несреќа помеѓу патничко возило „фолксваген пасат“ со винички регистарски ознаки, управувано од И.С.(40) од Виница и мопед со скопски регистарски ознаки, управуван од А.Х.(37) од Скопје. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил мотоциклистот, констатирани во Комплекс клиники „Мајка Тереза“ Скопје. Извршен бил увид од увидна екипа на СВР Скопје.

 

На 22.07.2025 во 12.40 часот во СВР Охрид било пријавено дека на крстосница од ул.„Галичица“ со ул.„8 Септември“ во Охрид се случила сообраќајна несреќа помеѓу патничко возило „киа“ со охридски регистарски ознаки, управувано од 21-годишната Е.М. од Охрид и мопед со охридски регистарски ознаки, управуван од Б.С.(50) од Охрид. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобила Б.С., констатирани во Специјалната болница „Св.Еразмо“ Охрид. По наредба на јавен обвинител, извршен е увид од увидна екипа на СВР Охрид.

 

На 22.07.2025 во 13.37 часот во СВР Штип било пријавено дека настанал пожар во куќа на ул.„Браќа Ставреви“ во Кочани, сопственост на Л.С.(62) од Кочани. На местото излегле полициски службеници од ОВР Кочани и екипи од Територијалната противпожарна единица Кочани. Пожарот бил  изгаснат, а поради вдишување чад при гасењето во медицински установи за укажување на помош биле пренесени И.С., сопруг на сопственичката, А.С., К.С., В.Ш., О.С. и А.Д., кои помагале при гасење на пожарот, како и тројца пожарникари.  

 

На 22.07.2025 во 14.15 часот во СВР Скопје било пријавено дека во паркот наспроти зградата на поранешна „Нова Македонија” бил пронајден починат С.К.(50) од Скопје. Од екипа на Итна медицинска помош била констатирана смрт без видливи траги на насилство, а по наредба на јавен обвинител телото било дадено на обдукција.

 

На 22.07.2025 во 17.50 часот во ОВР Прилеп било пријавено дека на ул.„Горан Миноски“ во Прилеп, додека патничко возило „фиат стило“ со прилепски регистарски ознаки, управувано од И.Ј.(33) од Прилеп, со јаже влечело мотоцикл со прилепски регистарски ознаки, кој претходно се расипал, а бил управуван од Ж.Ј. од Прилеп, мотоциклистот паднал и се здобил со тешки телесни повреди, констатирани во Градска болница Прилеп. По преземени мерки е констатирано дека И.Ј. го управувал возилото под дејство на алкохол, односно дека има 0,54 промили алкохол во крвта. Извршен е увид од увидна екипа на ОВР Прилеп и по документирање на случајот ќе бидат поднесени соодветни поднесоци.

 

На 22.07.2025 во 19.50 часот, полициски службеници од СВР Скопје го лишиле од слобода С.Н.(57) од Република Турција, постапувајќи по претходна пријава дека околу 19.15 часот во хостел на подрачјето на Центар во Скопје, се самозадоволувал пред две 24-годишни девојки од Турција, им се заканувал и се обидел да ги нападне со остар предмет. Кај него бил пронајден остриот предмет, а тој бил задржан во полицискa станица. По целосно документирање на случајот, против него ќе следува соодветна пријава. 

 

На 22.07.2025 во 15.30 часот во СВР Скопје било пријавено дека во с.Инџиково, скопско, во близина на стадионот „Борис Трајковски“, настанал пожар во куќа и помошен објект, сопственост на Ј.Р. од Скопје. Од екипа на Бригадата за противпожарна заштита Скопје пожарот бил изгаснат, а повредени лица нема. 

 

На 22.07.2025 во 13.30 часот во Полициската станица Центар, од Јавна установа за згрижување на деца било пријавено дека од установата се оддалечил нивниот штитеник А.М.. Се преземаат мерки за пронаоѓање на лицето.  

 

На 22.07.2025 во 20.05 часот во СВР Скопје било пријавено дека околу 19.30 часот на паркинг простор на подрачјето на Бит Пазар во Скопје, по претходно недоразбирање во сообраќајот, бил нарушен јавниот ред и мир со физичка пресметка помеѓу Н.М.(46) и И.Ф.(59), двајцата од Скопје. По целосно документирање на случајот ќе следуваат соодветни поднесоци.

 

Денеска (23.07.2025) во 00.15 часот во СВР Скопје, Н.Т.(27) од Скопје пријавил дека на 22.07.2025 околу 19.40 часот на подрачјето на Чаир во Скопје, Т.С.(51) од Скопје физички го нападнал и му упатувал закани. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.

Мени за пристапност