Со еден клик до сите услуги

https://uslugi.gov.mk/

Извадок 25.07.2025

СВР Скопје поднесе кривична пријава против Џ.К.(36) од Скопје поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурзори“. На 28.03.2025 во Скопје, полициски службеници извршиле преглед над пријавениот, при што биле пронајдени и одземени кокаин и МДМА.

 

СВР Штип поднесе кривична пријава против М.А.(55) од Виница поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „напад врз службено лице при вршење работи од безбедноста“. На 29.06.2025 во Виница, на место викано „Пекљанска крстосница“ на регионалниот пат 1304, пријавениот агресивно се однесувал и упатил закани кон полициски службеници кои вршеле службени дејствија.

 

СВР Штип поднесе кривична пријава против А.М.(45) од Штип поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „разбојништво“. На 30.05.2025 во книжарница во Штип, пријавената со употреба на пластичен пиштол и закани одзела пари од дневниот промет.

 

СВР Штип поднесе кривична пријава против А.Ш.(41) од Скопје поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи“. На 22.11.2024, полициски службеници извршиле претрес во домот на пријавениот во Кочани, при што е пронајдена и одземена ловечка пушка со калибар 16мм, за која не поседувал дозвола издадена од надлежен орган.

 

СВР Штип поднесе кривична пријава против М.С.(41) од Штип поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „употреба на исправа со невистинита содржина“. На 14.05.2025 на Граничен премин Табановце, на излез од државата, пријавениот приложил патна исправа со невистинита содржина, односно патната исправа која претходно ја пријавил како изгубена, по што му била издадена нова.

 

СВР Штип поднесе кривична пријава против М.А.(36) од Штип поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „фалсификување исправа“. На 04.12.2024, полициски службеници извршиле контрола на патничко возило „бмв“, управувано од пријавениот, при што на увид приложил фалсификувана белгиска возачка дозвола.

 

СВР Штип поднесе кривична пријава против Д.Т.(25) од Радовиш поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „фалсификување исправа“. На 11.01.2024 на автопат кај клучка Кадрифаково, полициски службеници извршиле контрола на патничко возило „фолксваген пасат“, управувано од пријавениот, при што тој на увид приложил фалсификувана возачка дозвола.

 

На 24.07.2025 во Скопје, на подрачјето на Центар, полициски службеници од СВР Скопје го лишија од слобода Б.Љ.(18) од Скопје затоа што кај него била пронајдена и одземена марихуана. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.

 

На 24.07.2025 околу 16.30 часот во СВР Велес е пријавено дека К.П.(29) од Скопје, со привремен престој во с.Уланци, општина Градско и 16-годишно девојче од с.Уланци, додека се капеле во водите на реката Вардар во близина на село Уланци, малолетничката била одвлечена по течението на реката. К.П. неколку пати се обидела да ја извлече, но не успеала. Веднаш по пријавата, полициски службеници од СВР Велес во координација со САЕ Тигар, Единицата за специјални намени Волци на Армијата, припадници на Дирекцијата за заштита и спасување, Територијалната противпожарна единица и кајакари од кајакарски клуб од Велес започнаа потрага за пронаоѓање на девојчето.

 

На 24.07.2025 во 20.30 часот во Полициското одделение Нов Дојран, Ж.К.(65) од Скопје пријави дека околу 17.30 часот во дворно место од неговата викенд куќа во Нов Дојран пронашол експлозивна направа. Пиротехничар од Дирекцијата за заштита и спасување Штип ја подигнал експлозивната направа и констатирал дека се работи за неексплодирана граната калибар 70мм која потекнувала од Првата светска војна.

 

На 24.07.2025 во 17.40 часот во СВР Скопје е пријавено дека на локалниот пат с.Зелениково-с.Страхојадица се случила сообраќајна несреќа помеѓу патничко возило „сеат“ со скопски регистарски ознаки, управувано од М.Т.(56) од с.Дејковец, скопско и четирицикл управуван од С.М.(28) од с.Стахојадица, општина Зелениково. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил возачот на четирициклот и две ипол годишно дете, сопатник на четирициклот, констатирани во Комплекс клиники „Мајка Тереза“- Скопје. Извршен бил увид од увидна екипа на СВР Скопје.

               

Денеска (25.07.2025) во 02.00 часот во ОВР Кавадарци е пријавено дека на регионалниот пат Кавадарци-Неготино, пред влез во с.Марена, кавадаречко, патничко возило „мерцедес“ со неготински регистарски ознаки, управувано од С.П.(22) од с.Тремник, неготинско, излетало од коловозот. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил возачот, констатирани во Општа болница Кавадарци. Извршен бил увид од увидна екипа на ОВР Кавадарци.

 

На 24.07.2025 во 04.30 часот во ОВР Делчево е пријавено дека на ул.„Маршал Тито“ во Делчево, К.М.(21) од Делчево, управувајќи мопед со делчевски регистарски ознаки, излетал од коловозот. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил мотоциклистот, констатирани во Клиничка болница Штип. Извршен бил увид од увидна екипа на ОВР Делчево.

 

На 24.07.2025 во 23.40 часот во ОВР Гостивар е пријавено дека на регионалниот пат Гостивар -  с.Чегране, С.С.(24) од с.Форино, гостиварско, управувајќи мопед изгубил контрола и паднал на патот. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил мотоциклистот, констатирани во болницата во Гостивар. Извршен бил увид од увидна екипа на ОВР Гостивар.

 

На 24.07.2025 во 19.54 часот во ОВР Гостивар е пријавено дека на ул.„ЈНА“ во Гостивар, 10-годишник од Гостивар, управувајќи електричен тротинет, изгубил контрола и паднал. Во несреќата малолетникот се здобил со тешки телесни повреди, констатирани во болницата во Гостивар. Извршен бил увид од увидна екипа на ОВР Гостивар.

 

На 24.07.2025 во 17.30 часот во ОВР Гостивар е пријавено дека на регионалниот пат Маврово-Дебар, пред место викано „Ростушко Анче“, се случила сообраќајна несреќа помеѓу патничко возило „опел“ со гостиварски регистарски ознаки, управувано од С.Р.(45) од с.Скудриње, дебарско и патничко возило „фолксваген тигуан“ со словенечки регистарски ознаки, управувано од Т.З.(59) од Дебар. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобила сопатничката во возилото „опел“ А.А., додека со телесни повреди се здобиле двајцата возачи и сопатничката во возилото „тигуан“-Р.З., констатирани во Медицински центар во Дебар. Извршен бил увид од увидна екипа на ОВР Дебар.

 

На 24.07.2025 околу 21.50 часот во СВР Куманово е пријавено дека на автопатот Куманово-Граничен премин Табановце, патничко возило „фолксваген поло“ со кумановски регистарски ознаки, управувано од.21-годишната А.Ѓ од Куманово, излетало надвор од коловозот. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобила сопатничката А.П.(22) од Куманово, додека со телесни повреди возачот, констатирани во Општа болница Куманово. Извршен бил увид од увидна екипа на СВР Куманово.

 

На 24.07.2025 во 21.00 часот во с.Ѓавато, полициски службеници од Полициската станица за граничен премин и граничен надзор Богородица го лишиja од слобода З.З.(39) од Република Србија поради сомнение за сторено кривично дело „фалсификување исправа“ по член 378 од Кривичниот законик. Запознаен е jавен обвинител, а лицето e предадено во Полициска станица Гевгелија за понатамошна постапка.

 

ОВР Кичево поднесе кривична пријава против Р.И.(25) од кичевското село Србица поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „спречување службено лице во вршење службено дејствие“. На 06.07.2025 на булеварот „Ослободување“ во Кичево, тој со употреба на физичка сила спречувал полициски службеници  во вршење на службено дејствие, по што веднаш бил лишен од слобода.

 

ОВР Дебар поднесе кривична пријава против Н.Л.(44) од струшкото село Октиси и Е.Д.(38) од селото Голем Папрадник, општина Центар Жупа, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурзори“. На 04.04.2025 на регионалниот пат Дебар-Струга, полициски службеници ги затекнале пријавените при купопродажба на марихуана.

 

Денеска (25.07.2025) во 00.40 часот во угостителски објект на подрачјето на Карпош, полициски службеници од СВР Скопје го привеле С.А.(29) од Скопје затоа што се однесувал агресивно кон полициски службеници додека извршувале службени дејствија. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.

 

На 24.07.2025 во 16.25 часот во СВР Скопје е пријавено дека околу 15.00 часот на паркинг простор во с.Долна Матка, скопско, по претходна расправија, бил нарушен јавниот ред и мир со физичка пресметка помеѓу Р.С.(47), О.С.(21) и малолетник, сите од с.Горна Матка, скопско и еден малолетник од Скопје, од една страна и Е.Р.(31) од друга страна. По целосно документирање на случајот ќе следуваат соодветни поднесоци.

 

На 24.07.2025 во 15.30 часот во СВР Скопје, А.К.(43) од с.Стајковци, скопско, пријави дека околу 15.15 часот, додека извршувал работни задачи за приватна фирма, пред објект на подрачјето на Гази Баба, бил физички нападнат од машко лице, кое употребило и тврд предмет. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.

 

На 24.07.2025 во 12.45 часот во СВР Скопје, Б.Ш.(30) од Скопје пријави дека околу 12.00 часот на  работно место, на подрачјето на Центар, бил физички нападнат од 35-годишната Н.А.. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.

 

На 24.07.2025 во 21.55 часот во СВР Скопје, Б.Т.(64) од Скопје пријави дека на 23.07.2025 околу 21.00 часот во парк на подрачјето на Кисела Вода бил физички нападнат од Д.Ј.. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

 

На 24.07.2025 во 16.45 часот во СВР Скопје, 63-годишен маж од Скопје пријави дека А.П.(58) од скопско село, со престој во Република Австрија, не му го вратил неговото патничко возило „киа соренто“ со скопски регистарски ознаки, на кого во јули 2024 година со заверено полномошно на нотар му го дал да го управува додека престојува во државата, по што го отповикал полномошното. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

 

На 24.07.2025 во 18.19 часот на Граничен премин Меѓународен аеродром Скопје, полициски службеници ги лишија од слобода Ј.А.(36), Д.Ј.Е.(27), Д.С.(36), Д.Х.А(44), Д.Б.(37), Д.Х.(40), Д.А.(66) и Д.М.(62), сите од Република Турција, затоа што го нарушиле јавниот ред и мир со меѓусебна физичка пресметка поради претходно нерасчистени должничко-доверителски односи. По целосно документирање на случајот ќе бидат поднесени соодветни поднесоци.

 

На 24.07.2025 околу 13.00 часот во СВР Скопје, А.Г.(70) од с.Орешани, скопско, пријави дека во атар на с.Петровец, општина Петровец, бил физички нападнат од Е.А.(40) од с.Љуботен, скопско и Ш.Д.(31) од с.Орешани, скопско. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

 

На 25.07.2025 во 03.26 часот во СВР Скопје е пријавено дека  на 24.07.2025 околу 22.55 часот на патеката кон Средно Водно во Скопје бил забележал дрвен отпад собран на едно место, спремен за потпалување. Излезено е на местото, при што биле пронајдени остатоците од дрвен отпад и хартиени кеси покриени со гранки. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

 

На 25.07.2025 околу 01.30 часот во Полициската станица Шуто Оризари, Е.Ј.(46) од Скопје, со привремен престој во Сојузна Република Германија, пријави дека од домот каде престојувала, се оддалечила нејзината ќерка Е.В.С.(16). Се преземаат мерки за пронаоѓање на лицето.

Мени за пристапност