На 10.07.2026 на подрачје на Струмица, полициски службеници од Отсекот за превенција и ПС за БПС при СВР Струмица реализираа превентивни активности во рамки на кампањата ,,Не користи мобилен телефон додека возиш". На возачите им беше укажано за забраната за користење мобилни телефони согласно законот и ризикот од несакани последици при употреба на истите додека управуваат моторни возила.
Денеска (11.07.2026) полициски службеници од ПО за БПС при ОВР Кавадарци, во Кавадарци реализираа сообраќајна превентивна активност на тема „Биди внимателен и одговорен учесник во сообраќајот - носи кацига“. Целта на активноста беше да се влијае на зголемување на сообраќајната култура кај возачите на мопеди и мотоцикли и да се подигне свеста за одговорно учество во сообраќајот преку почитување на сообраќајните правила и прописи. Посебен акцент беше ставен на обврската за носењето на кацига како за возачите така и за сопатниците, во насока на зголемување на личната безбедност. Во рамки на активноста беше поделен печатен едукативен материјал изработен во соработка со Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата и Факултетот за безбедност Скопје.
Денеска (11.07.2026), на градскиот плоштад во Гостивар се одржа превентивно-едукативен настан посветен на безбедноста на мотоциклистите во сообраќајот. Настанот беше организиран од страна на полициски службеници од Отсекот за превенција при СВР Тетово, во содејство со Полициската станица од општа надлежност Гостивар и Полициското одделение за безбедност на патниот сообраќај Гостивар, а по претходна иницијатива и известување од Мото клубот „GoBikers“ од Гостивар. Активноста е дел од Оперативната акција „Безбеден сообраќај“. На настанот учествуваа околу 20 мотоциклисти од клубот „GoBikers“, кои на присутните граѓани им ја појаснуваа важноста на одговорното управување мотоцикл. Во рамките на активностите, во соработка со Црвениот крст – Гостивар, беше изведена симулациска вежба за укажување прва помош при сообраќајна незгода во која учествува мотоциклист. Целта на вежбата беше да се прикаже брзата и правилна реакција која спасува животи. Дополнително, волонтерите од Црвениот крст на посетителите им делеа вода за освежување.
Отсекот за превенција при СВР Тетово на плоштадот постави едукативен штанд под мотото „Секогаш носи кацига и заштити го животот“. На граѓаните и на учесниците во сообраќајот им беа делени летоци со наслов „Кацига или глава – Изборот е твој“, со кои се испраќаат клучните пораки за безбедност. Летоците се изработени во соработка помеѓу Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата, МВР на РСМ и Факултетот за безбедност – Скопје, со цел подигнување на сообраќајната свест и намалување на ризиците од сообраќајни незгоди.