Денеска (11.07.) полициски службеници од Отсекот за превенција и Полициската станица за безбедност на патниот сообраќај при СВР Велес, на наплатната станица „Сопот“ на автопат А-1 (Скопје-Гевгелија), реализираа превентивна активност во рамки на кампањата „Безбедно во лето- вози одморен, вози одговорно“.
На возачите, во непосредна комуникација, им беше укажувано за важноста од управување на возило одморени, бидејќи заморот и падот на концентрацијата се една од главните причини за предизвикување сообраќајни несреќи во лето. Исто така, им беше нагласено дека во овој период, кога е зголемен бројот на туристи кои транзитираат низ земјава токму по оваа делница и возачите минуваат стотици километри на пат кон туристичките дестинации, од особена важност е да се прават почести паузи во текот на патувањето и да се следат препораките за безбедно возење. Со оваа активност уште еднаш беше потенцирана потребата за подигнување на сообраќајната култура на учесниците во сообраќајот на патиштата, преку почитување на сообраќајните прописи и одговорно однесување, со цел да ги заштитат својата, безбедноста на нивните семејства и другите учесници во сообраќајот.
Истовремено, беше поделен и едукативен печатен материјал изработен во соработка со Републички совет за безбедност на сообраќајот на патиштата.