Денеска (05.10.2026) полициски службеници од Одделението за превенција при СВР Скопје, ПС БПС Велес, ПС БПС Штип и ПС БПС Кочани во Скопје, Велес, Штип и Кочани реализираа превентивни активности „Стави сигурносен појас“ и „Не користи мобилен телефон додека возиш“. Преку непосредна комуникација, на граѓаните им беше потенцирана обврската за задолжително користење на сигурносен појас во возилата, но и за доследно почитување на сите сообраќајни правила и прописи. При тоа, им беше укажано дека користењето на сигурносни појаси е законска обврска како за возачите, така и за патниците во возилата, со цел зголемување на нивната лична безбедност. Исто така, беше укажано на последиците што можат да настанат доколку се користи мобилен телефон за време на управување со возило. Во Неготино пак, беше реализирана сообраќајна превентивна активност каде акцент беше ставен на пешаците, бидејќи тие како активни учесници во сообраќајот исто така имаат обврска да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, потенцирајќи им дека улицата треба да ја преминуваат на обележан пешачки премин и при тоа да не користат слушалки и мобилни телефони.
Вчера (04.10.2026), полициски службеници од Отсекот за превенција при СВР Охрид во координација со полициски службеници од ПС БПС Кичево, ја реализираа превентивната кампања „Безбедно управување на земјоделските машини“, со цел потсетување на возачите на трактори и друга механизација околу потребата од почитување на сообраќајните правила и прописи, редовен технички преглед, целосна техничка исправност на тракторите и приклучната механизација, пред се на управувачкиот механизам и системот за кочење, на осветлувањето, како и користењето заштитна опрема.
Полициски службеници од ОВР Кавадарци, денеска во Кавадарци реализираа превентивна активност „Пријави семејно насилство“, во рамки на која граѓаните се запознаа со мерките за заштита при постоење на семејно насилство, но и за начините како да се препознае психолошко насилство и што можат да сторат доколку се најдат во ситуација да бидат сведоци на одреден вид насилство, охрабрувајќи ги ваквите настани да ги пријават во полициска станица. На подрачје на Неготино беше реализирана и превентивна активност за заштита од кражби со цел граѓаните да се запознаат со начините за зголемување на нивото на нивната лична и имотна сигурност.
Во Пробиштип и во општина Врапчиште, поточно во селата Врањовце, Зубовце, Галате, Добридол, Неготино и Градец, полициските службеници од Отсекот за превенција при СВР Тетово, ПО Галате и ПС Пробиштип реализираа превентивни активности за спречување пожари и бесправна сеча. Полициските службеници во разговор со граѓаните укажуваа на потребата од максимална совесност и грижа за шумскиот фонд. На граѓаните им беше укажано дека незаконското сечење на дрва и предизвикувањето пожари се кривични дела и на тој начин можат да предизвикаат штети по шумскиот фонд, за кои се потребни децении да се надоместат. Потенцирано е дека секој граѓанин доколку забележи пожар или бесправна сеча, веднаш треба да се јави на 112 со цел навремено, координирано и сеопфатно постапување на институциите.