На 27.11.2026 од страна на полициски службеници од полициска станица, во Виница е остварена работна средба со Здружение на пензионерите во Виница, се со цел подигнување на свеста кај граѓаните за препознавање и спречување на телефонски измами. Во рамки на активноста, на пензионерите им беше укажано дека во последниот период се забележуваат случаи на телефонски измами при што непознати лица, најчесто преку телефонски повици од странски телефонски броеви, лажно се претставуваат и со изговор дека близок член на семејството доживеал сообраќајна незгода или се наоѓа во болница и му се потребни парични средства, се обидуваат да изнудат поголеми суми пари, особено од повозрасни лица.
При спроведувањето на превентивната кампања, на истите им беше посочено:
- Да не даваат пари на непознати лица кои телефонски им бараат финансиска помош.
- Да не веруваат на непроверени информации и телефонски повици во кои се бара итна исплата на парични средства.
- Секогаш да ја проверат веродостојноста на добиените информации преку директен контакт со членовите на семејството.
- Да не споделуваат лични податоци и банкарски информации со непознати лица.
- Секој сомнителен телефонски повик или обид за измама веднаш да го пријават во најблиската полициска станица или на телефонските броеви 192 и 112.
Целта на превентивната активност беше подигнување на јавната свест, навремено информирање на населението, зголемување на довербата во институциите и спречување на имотни штети предизвикани од вакви криминални активности.
На ден 27.11.2026 часот на повеќе локации во Централно градско подрачје во Свети Николе, од страна на полициски службеници од полициска станица за безбедност на патниот сообраќај Свети Николе, беше спроведена превентивна активност од областа на сообраќајот. Притоа под мотото „Стави појас“, полициските службеници преку непосредна комуникација со возачите им укажуваа на граѓаните за задолжителната обврска за носење сигурносни појаси при возење. Исто така, беше укажано и за санкциите што произлегуваат од непочитување на законските одредби, а на возачите дополнително им беа поделени и печатени едукативни материјали, изработени со поддршка од Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата со информативни содржини во насока на запознавање и подигнување на свеста кај учесниците во сообраќајот, примарно во интерес на личната безбедност, како и безбедноста на сообраќајот во целина.
На 27.11.2026 во Централното Градско подрачје во Општина Пробиштип, на подрачјето на Општина Пробиштип е спроведена превентивна активност со цел подигнување на свеста од штетните последици од користење на оружје и пиротехнички средства, од страна на полициски службеници од Одделението за внатрешни работи Пробиштип при СВР Штип, реализирани се превентивни активности за недозволената употреба на оружје и пиротехнички средства за славеничко пукање.
Реализирана е превентивна активност „Слави со срце, не со оружје“ под мотото „Секој куршум има мета“ и „Не користи петарди и пиротехнички средства“.
Во рамки на активноста, од страна на полициските службеници на граѓаните особено на младата популација им беа поделени едукативни летоци, а исто така им беа презентирани опасностите и ризиците од употреба на пиротехнички средства, последиците кои може да настанат од користењето на истите, законската регулатива во однос на неовластеното користење и употреба на пиротехнички средства, како и улогата на полицијата во овие дела.
Исто така укажано е и на недозволената употреба на оружје за славеничко пукање, како и дека последиците од пукање со оружје или пиротехнички средства на прослава претставува кривично дело „Предизвикување општа опасност“ за кое е предвидена и затворска казна.
Исто така поделени се едукативни летоци под мотото „Какво оружје поседувам“ и „Фокус на безбедноста“ со што на граѓаните им се укажани мерките на безбедност при употреба на оружје за време додека вршат лов на животни за време на ловната сезона.
На 26.11.2026 полициски службеници од СВР Струмица-ОВР Радовиш реализираа едукативно предавање на тема „Сообраќај и безбедност во сообраќајот“ пред учениците од петто и шесто одделение од ООУ „Орце Николов“ во село Ињево, радовишко. Полициските службеници преку наменски подготвена презентација, практични примери и непосредна комуникација ги запознаа присутните со основните правила за безбедно учество во сообраќајот, а посебен акцент беше ставен на правилното движење на пешаците, почитувањето на сообраќајната сигнализација, препознавањето на потенцијалните опасности и одговорното однесување на улиците.
Денеска (27.11.2026) полициски службеници од Отсекот за превенција при СВР Велес, за учениците од прво одделение во основното училиште „Блаже Конески“ во Велес, спроведоа едукативно предавање на тема „Правила за малите пешаци“, во рамки на кое децата се запозна со сообраќајните правила и прописи, при што преку презентации и интеракција им беше појаснето како безбедно и сигурно да доаѓаат и да заминуваат од училиште.
Полициски службеници од ОВР Кавадарци во соработка со Општина Кавадарци и невладината организација „Визија“, реализираа едукативна работилница со учениците од четврта година од Гимназијата „Добри Даскалов“ во Кавадарци, во рамки на меѓународната кампања „16 дена активизам против родово базирано насилство“, која има за цел подигнување на свеста, превенција и спречување на насилство врз жените и заштита на човековите права.
Превентивни активности за заштита и спречување на појави поврзани со семејно и родово базирано насилство денеска беа реализирани и во селата Стари Град и Извор, општина Чашка, а вчера на подрачје на општина Градско. Преку непосредна комуникација, граѓаните беа информирани за нивните права и мерки за заштита при постоење на облици на семејно насилство и при тоа беа споделени постапките и процедурите при појава на овој вид на случаи, со акцент на важноста од навремено пријавување на сите облици на насилство.
Полициски службеници од ОВР Неготино пак, денеска реализираа превентивна активност на тема „Кажи не на дрогата“, во рамки на која на граѓаните, а особено на младата популација им беше укажано за штетните последици од болестите на зависност, а беа информирани и за начините и методите кои што треба да се користат и применуваат во справувањето со овој вид на појави.
Вчера, полициски службеници од Полициско одделение за безбедност на патниот сообраќај реализираа сообраќајна превентивна активност на тема „Алкохолот не ти е пријател“, укажувајќи им на возачите за ризикот од управување на возило под дејство на алкохол, но и обврската за доследно почитување на сообраќајните правила и прописи, со цел зголемување на нивото на безбедност и сообраќајна култура.
На 26/27.11.2026 Одделението за превенција при СВР Скопје, на подрачјето на ПСОН Гази Баба, ПСОН Центар, ПО Сарај ,ПС ОН Драчево реализираше три едукативни работилници и две трибини.
Во ООУ „Вера Јоциќ“ на подрачје на ПСОН Гази Баба, се реализраше сообраќајна едукативно превентивна активност .
Во ООУ „Дитурија” на подрачје на ПO Сарај, се реализраше сообраќајна едукативно превентивна активност.
Притоа, согласно годишниот план за едукативни работилници, беа спроведени две предавања, односно, реализирани два часа на тема „Да ги заштитиме децата во сообраќајот“ со учениците од четврто одделение.
Активноста се спроведе без проблеми и беше позитивно прифатена од страна на учениците од две одделенија и нивните наставници.
Во ООУ ,,Димитар Миладинов” на подрачје на ПС ОН Центар, се реализираше едукативното предавање на тема „Зависности и насилство“ при што учениците беа запознаени со значењето на меѓуврсничкото насилство-Булингот, формите на врсничко насилство (физичко, психичко, сајбер-булинг и семејно насилство), начинот на препознавање, пријавување и барање на помош, како и законската регулатива.
Во ООУ,, Марко Цепенков” и ООУ ,, Рајко Жинзифов” на подрачје на ПС ОН Драчево, се реализираше едукативното предавање на тема „Зависности и насилство“.