На 07 и 08.11.2026 година, полициски службеници од Полициската станица за гранични проверки и граничен надзор – Ќафасан и Полициската станица за граничен надзор – Франгово, при Регионалниот центар за гранични работи Запад – Охрид, во координација со Самостојниот инспектор за превенција, реализираа превентивни активности под мотото „Возиме безбедно“.
Активностите беа спроведени на Граничниот премин Ќафасан и на патниот правец од Струга до граничниот премин, при што на возачите и патниците им беа поделени едукативно-информативни флаери, обезбедени од Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата. Преку непосредна комуникација беа упатени совети за опасностите од управување возило под дејство на алкохол, ризиците од замор и недоволна психофизичка подготвеност, како и за важноста од почитување на сообраќајните правила и прописи.
Исто така, на 08.11.2026 година, во рамки на акциската планска содржина „Безбеден сообраќај“, полициски службеници од Отсекот за превенција при СВР Тетово, заедно со полициски службеници од сообраќајните полициски станици за безбедност на патниот сообраќај Тетово и Гостивар, реализираа превентивна активност во близина на наплатните станици Желино, Тетово и Гостивар.
Активноста беше спроведена во рамки на кампањата „Еден клик може да направи голема разлика при незгода“, со цел подигнување на свеста кај возачите за задолжителното користење на сигурносниот појас. На возачите им беа поделени едукативни летоци со клучни пораки, изработени во соработка со Министерството за внатрешни работи, Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата и Факултетот за безбедност.
Со овие активности, МВР продолжува со континуирано превентивно делување, подигнување на сообраќајната култура и поттикнување одговорно однесување кај сите учесници во сообраќајот, со цел спречување на сообраќајни незгоди и заштита на човечките животи.