Денеска (15.10.2026) полициски службеници од ОВР Кавадарци и Одделението за превенција при СВР Скопје во ООУ „Страшо Пинџур“ во Кавадарци и ОУ „Јахја Кемал“ во Скопје реализираа едукативни предавања за заштита од врсничко и сајбер насилство и превенција од зависности. Учениците се запознаа со различните форми на насилничко однесување, облиците и начините на манифестирање на овие девијантни појави, но и за последиците што може да се појават во различни форми. При тоа, на учениците им беа појаснети и начините и методите за навремено превенирање и справување со овој вид на девијантно однесување помеѓу младите. Исто така, учениците беа запознаени со штетните последици, но и начините за превенција од зависностите како што се наркотиците, цигарите, алкохолот и игрите на среќа.
Полициски службеници од ОВР Неготино пак, денеска реализираа превентивна активност за заштита од кражби, укажувајќи им на граѓаните како да ги заштитат своите домови и да внимаваат на своите лични предмети.
Полициски службеници од ПО Чашка и ПС БПС Штип, денеска во Чашка и Штип спроведоа превентивни активности „Стави појас“ , при што на граѓаните им беше потенцирано дека користењето на сигурносен појас е законска обврска како за возачите, така и за патниците во возилата, со цел зголемување на личната безбедност, додека полициски службеници од Отсекот за превенција и Полициска станица за безбедност на патниот сообраќај при СВР Велес, вчера реализираа превентивна активност со цел да се влијае на подигнување на свеста кај возачите, пред се да не управуваат возила под дејство на алкохол, со оглед на тоа дека алкохолот сериозно ги намалува возачките вештини, ги нарушува психомоторните способности и претставува сериозна закана по нивната и безбедноста на останатите учесници во сообраќајот. Во Скопје и Кочани, акцентот на превентивните активности беше ставен на безбедноста на пешаците, кои како активни учесници во сообраќајот исто така имаат обврска да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, потенцирајќи им дека улицата треба да ја преминуваат на обележан пешачки премин и при тоа да не користат слушалки и мобилни телефони. Во рамки на активностите беше поделен печатен едукативен материјал.