На 16.11.2026 во централните градски подрачја во Штип и Кочани полициски службеници од полициските станици за безбедност на патниот сообраќај Штип и Кочани спроведоа превентивна активност на тема „Биди подготвен за безбедно патување во зима-Користи зимска опрема“. На граѓаните на кој им беа поделени летоци со едукативна содржина, им беше укажано за важноста на поседување и носење задолжителна зимска опрема во возилата без разлика на временските услови, која е задолжителна од 15 ноември годинава до 15 март 2027 година, со цел зголемување на севкупната безбедност во сообраќајот.
На 16.11.2026 во Берово полициски службеници од полициска станица Берово во содејство со член на РСБСП реализираа превентивно-едукативна активност на тема „Стоп за смртта на патиштата – вози одговорно“, по повод одбележувањето на Денот на сеќавање на жртвите од сообраќајни незгоди.
Целта на активноста беше подигнување на свеста кај граѓаните, особено кај младата популација, за сериозноста на последиците од сообраќајните незгоди, како и укажување на значењето на одговорното и совесно учество во сообраќајот.
Во рамки на активноста присутните беа запознаени со најчестите причини за настанување на сообраќајни незгоди, како што се неприлагодена брзина, управување возило под дејство на алкохол, некористење сигурносен појас, користење мобилен телефон за време на возење, како и непочитување на сообраќајната сигнализација и правилата за безбедно учество во сообраќајот. Посебен акцент беше ставен на одбележувањето на Денот на сеќавање на жртвите од сообраќајни незгоди, при што беше истакнато дека зад секоја сообраќајна незгода стојат човечки животи, семејства и трајни последици.
На 16.11.2026 полициски службеници од ОВР Кавадарци за учениците од ООУ „Страшо Пинџур“ во село Возарци, кавадаречко, спроведоа едукативно предавање за заштита од врсничко и сајбер насилство. Учениците се запознаа со различните форми на насилничко однесување, облиците и начините на манифестирање на овие девијантни појави, но и за последиците што може да се појават, при што, на учениците им ги појаснија и потенцираа начините и методите за навремена превенција и справување со овој вид на девијантно однесување помеѓу младите.
Полициски службеници од ОВР Неготино пак, реализираа едукативно предавање за безбедно учество во сообраќајот за учениците од ООУ „Страшо Пинџур“ во Неготино, укажувајќи им за потребата од внимателност кога се во улога на пешаци или велосипедисти, со цел зголемување на личната безбедност и важноста од почитување на сообраќајните правила и прописи.
Полициски службеници од Полициско одделение Чашка, денеска спроведоа сообраќајна превентивна активност на тема „Користи зимска опрема“, укажувајќи им на возачите дека на сила е законската обврска за задолжително поседување зимска опрема во возилата, со цел подигнување на свеста кај возачите за обврската и потребата од употреба на зимска опрема, како важен предуслов за безбедно учество во сообраќајот.
Полициски службеници од ОВР Кавадарци пак реализираа сообраќајна превентивна активност на тема „Стави појас“, при што на граѓаните им беше потенцирана обврската за задолжително користење на заштитен појас во возилата, со напомена дека тоа е законска обврска како за возачите, така и за патниците во возилата, со цел зголемување на личната безбедност.
На подрачје на општина Градско денеска беше реализирана превентивна активност која имаше за цел да се влијае на подигнување на свеста кај граѓаните за правилно и безбедно користење на плински уреди, нивно редовно одржување и контрола на исправноста и на тој начин да се спречат несакани последици и загрозување на безбедноста.
Вчера на подрачје на Велес и Неготино полициски службеници од Отсекот за превенција и Полициска станица за безбедност на патниот сообраќај при СВР Велес, заедно со претставници од Локален совет за превенција и полициски службеници од Полициско одделение за безбедност на патниот сообраќај при ОВР Неготино, беа реализирани активности во рамки на одбележувањето на 15 Ноември-Светски ден за сеќавање на жртвите од сообраќајни незгоди. Преку непосредна комуникација на возачите им беше потенцирана важноста за доследно почитување на сообраќајните правила и прописи и прилагодување на возењето според условите на патот, укажувајќи им дека само со одговорно однесување може да се придонесе за сигурно и безбедно учество во сообраќајот, намалување на бројот на сообраќајни несреќи и зачувување на човечки животи.
Денеска (16.11.2026), во просториите на ООУ „Наим Фрашери“ во Тетово, полициски службеници од СВР Тетово, реализираа едукативно предавање на тема: „Има помош за живот без насилство – Препознавање, пријавување и превенција на семејно насилство“.
Целта на оваа активност беше подигнување на свеста кај младите за препознавање на различните форми на семејно насилство, начините за негово пријавување, како и запознавање со улогата на институциите во заштитата на жртвите и превенцијата.
Преку мултимедијална презентација и интерактивна комуникација, учениците беа запознаени со сите клучни содржини како што се, Поимот и формите на семејно насилство (физичко, психолошко, економско и сексуално) и неговите последици, начините за препознавање на насилството и можностите за негово пријавување до полицијата, Центарот за социјална работа и училишните служби, институционалната рамка и правната заштита во РСМ, вклучително и одредбите од Кривичниот законик и Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејно насилство, значењето на Истанбулската конвенција како меѓународен стандард за спречување на насилството, заштита на жртвите и казнување на сторителите.
На присутните ученици им беа доделени едукативни летоци со порака „Има помош за живот без насилство“.
Со реализацијата на овие превентивни активности продолжува посветеноста на СВР Тетово кон едукација на младите генерации, јакнење на превенцијата и градење на општество засновано врз меѓусебно почитување, безбедност и ненасилство.
Превентивна активност со учениците од 1 до 4 одделение, во ООУ ,,Никола Карев" во Крушево, во врска со децата учесници како пешаци во сообраќајот под мотото „Безбедно дете во сообраќајот“. На учениците им се поделени едукативни материјали од РСБСП.