Денеска (11.11.2026) на подрачјето на СВР Велес беа реализирани четири превентивни активности за безбеден сообраќај. Во Велес на возачите им беше укажано за важноста од редовна проверка на техничката исправност на возилата, додека во Чашка активноста беше насочена на укажување на важноста за користењето на сигурносен појас. Во Градско, активноста беше на тема „Брзото возење загрижува, брзото возење убива“, во рамки на која на возачите им беше потенцирана обврската за прилагодување на брзината според сообраќајната сигнализација и условите на патот, но и доследно почитување на сите останати сообраќајните правила прописи. Додека, пак, полициски службеници од ПС за БПС при СВР Велес спроведоа сообраќајна превентивна активност на тема „Користи зимска опрема“, а со цел подигнување на свеста кај возачите за потребата и обврската за употреба на зимска опрема, како важен предуслов за безбедно учество во сообраќајот.
Во Чашка, исто така, беше реализирана превентивна активност на тема „Не оставајте вредни предмети во вашиот автомобил“ со цел подигнување на свеста на граѓаните за заштита од имотни деликти, особено од тешки кражби од моторни возила. ОВР Неготино спроведе превентивна активност во објекти за приредување игри на среќа со цел укажување на обврските за доследно почитување на законските одредби, особено во делот на забраната за пристап на малолетни лица и потребата од одржување на јавниот ред и мир.
Едукативни предавања за заштита од врсничко и сајбер насилство за учениците од основните училишта „Блаже Конески“ во Велес и „Димката Ангелов Габерот“ во село Сопот, кавадаречко, одржаа полициски службеници од СВР Велес и ОВР Кавадарци. Учениците беа запознаени со различните форми на насилничко однесување, облиците и начините на нивно манифестирање, но и со последиците што може да се појават, а им беа објаснети и методите за навремена превенција и справување со овој вид на девијантно однесување помеѓу младите.
Вчера и денеска, Одделението за превенција при СВР Скопје, на подрачјето на Центар, Аеродром, Чаир и Драчево, реализираше пет едукативни работилници и две трибини. Во основните училишта „11 Октомври“ и „Јашар Беј Шкупи“ реализирани се две едукативни работилници на тема „Да ги заштитиме децата во сообраќајот“. Во основното училиште „Рајко Жинзифов“ реализирана е едукативна работилница на тема „Превенција од меѓуврсничко насилство - булинг“ и „Превенција од зависности“. Исто така, со ученици од средните училишта „Јосип БрозТито“ и „Димитар Влахов“ реализирани се трибини на тема „Стоп за меѓуврсничко насилство, насилство на спортски натпревари и превенција од зависности“. На присутните ученици им беа поделени и летоци со едукативни пораки.
Вчера (10.11.2026) во Државното земјоделско училиште „Моша Пијаде“ во Тетово, Отсекот за превенција при СВР Тетово започна со нов превентивно-едукативен проект под мотото ,,Учам, полагам, возам" во која се предвидени предавања за учениците од трета година од сите средни училишта во Тетово и Гостивар, со цел подобрување на безбедноста и подигнување на сообраќајната култура кај младите.
Сообраќајната едукација и градењето правилни навики уште од најрана возраст се основниот пат кон долгорочна безбедност на патиштата. За време на предавањето, учениците беа запознаени со позначајните сообраќајни правила и прописи, законските обврски за носење заштитна опрема, но и со предвидените казнени одредби за прекршоците.
Едукативно предавање на истата тема денеска беше одржано и во средното училиште „Коле Нехтенин“ во Штип. Додека, во Берово е спроведена актвност на тема „Ако пиеш, не вози“ и „Ако возиш, не пиј“. Во Виница, полициски службеници од Полициска станица Виница реализираа едукативна кампања под мотото „Да се заштитиме од џебни кражби“, којa се реализираше со средби на граѓаните на кои им беа давани совети за самозаштита од имотни деликти како разбојничка кражба, разбојништво, дрска кражба и други кривични дела. Во централно градско подрачје во Делчево, полициски службеници реализираа едукативна кампања под мотото „Не биди нем сведок“ и „Има помош за живот без насилство“. На средбите со граѓаните им беа давани совети за самозаштита и достапни упатства за помош и начините како да се препознае насилството, како и насоки за тоа што можат да сторат доколку се најдат во таква ситуација да бидат сведоци на одреден вид насилство. Основна цел е зајакнување на довербата и соработката помеѓу полицијата и граѓаните.
Денеска (11.11.2026), претставници од Отсекот за превенција при СВР Тетово остварија работна средба со раководителот на Ловечкото друштво „Шар Планина“, во чиј фокус беа безбедноста за време на ловната сезона и почитувањето на законските прописи. На средбата беше истакната потребата од доследно почитување на Законот за ловство и Законот за оружје, со посебен акцент на правилното и безбедно ракување со огненото оружје. Од СВР Тетово беше укажано ловџиите задолжително да носат и користат исклучиво оружје за кое поседуваат соодветна дозвола за поседување и носење и пред преземање какви било дејствија со оружјето, ловџиите се должни со сигурност да ја идентификуваат целта и да внимаваат на евентуално присуство на други ловџии, планинари или земјоделци во ловиштата. СВР Тетово апелира до сите ловџии на одговорно однесување за да се спречат несакани последици и да се осигура безбедноста на сите учесници во ловот и граѓаните.