Со еден клик до сите услуги

https://uslugi.gov.mk/

Превентивни активности за безбеден сообраќај и врсничко насилство

Превентивни активности за безбеден сообраќај и врсничко насилство

На 10.11.2026 полициски службеници од полициска станица за безбедност на патниот сообраќај Штип, Пробиштип и Кочани спроведоа превентивна активност на повеќе локации во централните градски подрачја во Штип, Пробиштип и Кочани на тема „Ако пиеш не вози и Ако возиш не Пиј“ и „Не користи мобилен телефон додека возиш моторно возило“, „Вози безбедно со технички исправно возило“ и „Одговорно пред пешачки премин“.
За време на спроведувањето на активностите на возачите учесници во сообраќајот и беше појаснета законската регулатива околу почитувањето на сообраќајните правила и прописи и дека санкциониран ќе биде секој возач кој конзумирал алкохол и е над границата на дозволеното, а управува возило. Поделени беа летоци и беа давани едукативни совети на возачите учесници во сообраќајот. Исто така на возачите учесници во сообраќајот им беше појаснета законската регулатива околу обврската која ја имаат како возачи, односно опасноста и последиците кои произлегува од користењето на мобилен телефон додека управуваат моторно возило. На истите им беше укажано и на законски пропишаната норма доколку во исто време го управуваат возилото и разговараат на мобилен  телефон.  На возачите ученсници во сообраќајот и беа поделени летоци со „Не користи мобилен телефон додека возиш и одговорно пред пешачки премин“.

На 10.11.2026 полициски службеници од полициска станица Виница реализираа едукативно предавање во СОУ „Ванчо Прќе” во Виница на учениците од трета и четврта година на тема „Сообраќајните правила и прописи и одговорност на учениците“, со цел запознавање со основните сообраќајни правила и прописи, значењето на одредени сообраќајни знаци, а воедно им беше укажано и како правилно да се однесуваат како учесници во сообраќајот.

На 10.11.2026 полициски службеници од ОВР Кавадарци за учениците од подрачното основно училиште „Пере Тошев“ во село Сирково, општина Росоман, одржаа едукативно предавање за заштита од врсничко и сајбер насилство. Учениците се запознаа со различните форми на насилничко однесување, облиците и начините на манифестирање на овие девијантни појави, но и за последиците што може да се појават. 
На подрачје на Кавадарци денеска беше реализирана сообраќајна превентивна активност на тема „Патувај безбедно во зима-користи зимска опрема“. На возачите им беше укажано дека наскоро ќе стапи на сила законската обврска за задолжително поседување зимска опрема во возилата, а со цел подигнување на свеста за потребата и обврската за употреба на зимска опрема, како важен предуслов за безбедно учество во сообраќајот. 
Полициски службеници од Полициско одделение Чашка спроведоа сообраќајна превентивна активност на тема „Користи сигурносен појас“. Преку непосредна комуникација, на граѓаните им беше потенцирана обврската за задолжително користење на заштитен појас во возилата, но и за доследно почитување на сите сообраќајни правила и прописи. При тоа, им беше укажано дека користењето на сигурносен појас е законска обврска како за возачите, така и за патниците во возилата, со цел зголемување на личната безбедност. 
Полициски службеници од Отсекот за превенција при СВР Велес и Полициско одделение за безбедност на патниот сообраќај при СВР Велес, вчера на подрачје на Велес и Градско, реализираа сообраќајна превентивна активност на тема „Алкохолот е лош сопатник-не пиј кога возиш“, во рамки на која полициските службеници им ја потенцираа на возачите потребата за свесност и одговорност, да не управуваат возила под дејство на алкохол, со оглед на тоа дека алкохолот сериозно ги намалува возачките вештини, ги нарушува психомоторните способности и претставува сериозна закана по нивната и безбедноста на останатите учесници во сообраќајот.

Денеска (10.11.)  од страна на полициски службеници од ПС ОН Ресен извршено  беше едукативно предавање на теми Меѓуврсничко насилство-Булинг и превенција и заштита од зависности, во основно училиште „Мите Богоевски“ во Ресен  каде беа опфатени учениците од различни одделенија.

Исто така денеска, полициски службеници од ОВР Македонски Брод во основното училиште „Кемал Ататурк" во с.Пласница реализираа превентивна активност со учениците на тема „Безбеден сообраќај“.

Мени за пристапност