Со еден клик до сите услуги

https://uslugi.gov.mk/

Превентивни активности за безбеден сообраќај и заштита од имотни деликти

Превентивни активности за безбеден сообраќај и заштита од  имотни деликти

Денеска (13.05.2026) полициски службеници од Отсекот за превенција при СВР Велес на неколку локации во Велес реализираа превентивни активности на тема „Возете безбедно-со технички исправно возило“, со цел подигање на степенот на сообраќајна култура. При тоа беше нагласена обврската за редовно одржување и техничка исправност на возилата, како клучен предуслов за безбедно учество во сообраќајот. Полициски службеници од ПС за БПС при СВР Велес пак реализираа превентивна активност на тема „Паркирај совесно, паркирај одговорно“, во рамки на која на возачите им беше потенцирано, дека правилното паркирање на возилата е од исклучително значење за безбедност во сообраќајот. Во Кочани и Штип пак, на мотоциклистите им беше потенцирана обврската за користење на заштитна кацига, а возачите беа информирани и за последиците што можат да настанат доколку користат телефон додека возат. 

Во ООУ „Страшо Пинџур“ во Неготино пак, денеска беше изведена симулациска вежба за брза евакуација и однесување во кризни ситуации, на која беа  презентирани мерките за заштита и спасување и начинот на постапување на службите на терен при евентуално настанат пожар. Полициски службеници од ОВР Неготино, во соработка со ТППЕ Неготино, ОО на Црвен крст Неготино, заедно со учениците и персоналот од училиштето спроведоа вежба на тема „Начин на однесување во кризни ситуации“ , а по одржување на вежбата на учениците им беа потенцирани и сообраќајните правила и прописи кога се во улога на пешаци. На подрачјето на општините Неготино, Демир Капија, Пробиштип и Виница денеска беа реализирани и превентивни активности на тема „Полицијата и граѓаните заедно“, во рамки на кои полициските службеници ги советуваа граѓаните како да се заштитат од разни видови имотни деликти, додека пак полициски службеници од ОВР Кавадарци реализираа превентивна активност на тема „Заштита од телефонски измами“, упатувајќи ги граѓаните да бидат внимателни при комуникација со непознати лица и укажувајќи им како да се заштитат од овој вид на измами, а секој сомнителен случај да го пријават во полициска станица. Во рамки на активностите беше поделен печатен едукативен материјал.

Мени за пристапност