Денеска (24.03.2026) во Неготино полициски службеници од ПО БПС Неготино, реализираа превентивна активност на тема „Вози совесно, вози одговорно“. Во рамки на активноста, на возачите им беше укажано за важноста од задолжително почитување на сообраќајните правила и прописи, во насока на зголемување на безбедноста и намалување на бројот на сообраќајните незгоди. На подрачје на Тетово, полициски службеници од Отсекот за превенција при СВР Тетово, реализираа превентивна активност насочена кон безбедноста на пешаците, како една од најзагрозени категории на учесници во сообраќајот, за нивните обврски и одговорности при учество во сообраќајот. Меѓу другото, ги потсетуваа граѓаните дека задолжително треба да ја поминуваат улицата на обележан пешачки премин, да не користат мобилен телефон и слушалки додека поминуваат преку улица и да ги почитуваат сите сообраќајни правила и прописи. Во Пробиштип полициски службеници од ПС БПС Пробиштип ги информираа граѓаните за потребата од користење на сигурносни појаси во возилата, како и правилното паркирање.
Полициски службеници од СВР Штип, ПС Кавадарци и ПС Неготино пак, во Кавадарци, Неготино, Свети Николе, Делчево и Пробиштип реализираа превентивни активности на тема „Не биди нем сведок“, со цел превентивно да се дејствува во спречувањето на појавата на секој вид родово базирано насилство. Во рамки на активностите граѓаните беа информирани за достапноста на услугите за помош, заштита и привремен престој, а во непосредна комуникација им беа давани насоки и совети за тоа што можат да сторат доколку се најдат во ситуација да бидат сведоци на одреден вид насилство, упатувајќи ги на постапките и процедурите при појава на такви случаи.
Исто така, полициски службеници од Отсекот за превенција при СВР Велес, реализираа превентивна активност на тема „Превенција од питачење, преку укажувања и совети за граѓаните да се воздржат од давање пари на лицата кои питачат, а секој забележан случај на питачење, особено од страна на деца на улица, да го пријават во надлежните институции со цел нивна заштита и целосно вклучување во општеството.