Полициски службеници од СВР Штип и Полициското одделение Чашка, на подрачје на Чашка, Штип и Кочани реализираа превентивни активности „Користи сигурносен појас“ и „Не користи мобилен телефон додека возиш“.
Преку непосредна комуникација, на граѓаните им беше потенцирана обврската за задолжително користење на сигурносен појас во возилата, но и за доследно почитување на сите сообраќајни правила и прописи. При тоа, им беше укажано дека користењето на сигурносен појас е законска обврска како за возачите, така и за патниците во возилата, со цел зголемување на личната безбедност. Возачите беа информирани и за опасностите од користење мобилен телефон при управување возила и последиците што можат да настанат.
Одделението за превенција при СВР Скопје и СВР Штип на подрачје на ПО Мирковци, како и во Штип и Кочани реализираа превентивни активности „Вози одморен“, при што на возачите им беше укажано за важноста кога управуваат возило да бидат одморени, бидејќи заморот и падот на концентрацијата се главните причини за предизвикување сообраќајни несреќи во лето, па затоа кога возачите се упатуваат на подалечни дестинации, препораката е да прават чести паузи при патувањето. Исто така, полициски службеници од Одделението за превенција при СВР Скопје, ПС Берово и ПС Делчево на подрачје на Ѓорче Петров, Берово и Делчево реализираа превентивни активности за заштита од пожари. На граѓаните им беше укажано за опасноста од несовесното фрлање и палење ѓубре, палење стрништа, фрлање отпушоци и друг вид запаливи материјали на отворен простор и во близина на шумски појаси, за да се намали ризикот од појава на пожари на отворен простор.
Полициски службеници од СВР Штип во Штип спроведоа превентивни активности за заштита на граѓаните од џебни кражби, при што на повеќе локации во Штип полициските службеници ги информираа граѓаните, посебно повозрасните, за начините како да се заштитат од вакви кривични дела, а воедно им беа делени и летоци со едукативна содржина. Отсекот за превенција при СВР Куманово во соработка со Општинскиот совет за превенција денеска на Градскиот плоштад во Куманово реализира превентивна активност со цел подигнување на свеста од штетните последици од користење на оружје и пиротехнички средства под мотото „Слави со срце, не со оружје“.
Во рамки на активноста, на граѓаните им беа поделени едукативни летоци, а исто така им беа презентирани опасностите и ризиците од употреба на оружје и пиротехнички средства, последиците кои може да настанат од нивно користење, како и законската регулатива за санкционирање на ваквите појави.