Денеска (14.07.2026) полициски службеници од Отсекот за превенција и од ПС БПС при СВР Велес, на неколку локации во Велес реализираа превентивни активности за подигање на степенот на сообраќајна култура, а посебен акцент беше ставен на потребата за свесност кај возачите, да не управуваат возила под дејство на алкохол, со оглед на тоа дека алкохолот сериозно ги намалува возачките вештини, ги нарушува психомоторните способности и претставува сериозна закана по нивната и безбедноста на останатите учесници во сообраќајот.
СВР Охрид пак, заедно со Општинскиот совет за безбедност на сообраќајот во Охрид почна со превентивната кампања ,,Вози тротинет безбедно“. Полициски службеници од Отсекот за превенција и претставници од Советот на повеќе сообраќајници во градот, во комуникација со лицата кои управуваат електрични тротинети, ги запознаваа со правилата за безбедно управување тротинети, за новите измени во Законот за безбедност во сообраќајот на патиштата во однос на управување на овој вид на превозно средство, при што им беа поделени и едукативни летоци.
Во Скопје, полициски службеници од Одделението а превенција при СВР Скопје спроведоа превентивна активност „Не оставајте вредни предмети во вашиот автомобил“. Полициските службеници во непосредна комуникација со граѓаните им укажуваа да не оставаат вредни предмети во паркираните автомобили, со цел да се превенираат можностите за тешки кражби од патнички моторни возила. Исто така, на граѓаните им беше укажувано за начините за превенција во тесна соработка со полицијата, а воедно им беа делени и едукативни печатени материјали со информативни содржини, со укажување дека секој сомнителен случај треба да го пријават во полициска станица. Во соработка со РСБСП пак, на Граничниот премин Блаце беше реализирана превентивна активност наменета за возачите во рамките на кампањата “Безбедно лето- вози одморен“. На возачите им беше укажано за важноста кога управуваат возило да бидат одморени, бидејќи заморот и падот на концентрацијата се главните причини за предизвикување сообраќајни несреќи во лето, па затоа кога возачите се упатуваат на подалечни дестинации, препораката е да прават чести паузи при патувањето.
Полициски службеници од СВР Штип во Делчево реализираа превентивни активности „Носи кацига“, насочени кон возачите на мопеди, мотоцикли и електрични тротинети, на кои им беше укажувано за обврската и потребата за носење на заштитен шлем, напоменувајќи им дека секој учесник во сообраќајот е еднакво одговорен како за својата, така и за безбедноста на сите останати учесници во сообраќајот.
Полициски службеници од ПС Берово денеска во Берово реализираа превентивни активности за заштита од пожари, во рамки на кои на граѓаните им беше потенцирана потребата од поголема внимателност, поради опасноста од предизвикување на пожари на отворен простор во текот на летниот период, особено кога извршуваат земјоделски работи. Во рамки на превентивните активности беше поделен печатен едукативен материјал.