Со еден клик до сите услуги

https://uslugi.gov.mk/

Превентивни активности за безбеден сообраќај и спречување на пожари и девијантно однесување на младите

Превентивни активности за безбеден сообраќај и спречување на пожари и девијантно однесување на младите

Денеска (07.08.2026) полициски службеници од Одделението за превенција при СВР Скопје и Отсекот за превенција при СВР Велес, во Скопје, како и во селата Караслари, Црквино и Кочилари, велешко, реализираа превентивни активности за спречување на пожари.

На граѓаните им беше потенцирана потребата за заштита и намалување на ризикот од настанување на шумски и пожари на отворен простор, како и внимателност при извршување земјоделски работи, напоменувајќи им дека е потребна поголема внимателност во текот на летниот период, континуирана соработка со надлежните институции и задолжително пријавување на несовесно однесување. Полициски службеници од Полициското одделение Чашка, на регионалниот пат Велес – село Извор, спроведоа сообраќајна превентивна активност, при што на возачите им беше укажано на обврската за прилагодување на брзината според сообраќајната сигнализација и условите на патот, како и за ризикот што го преземаат доколку не ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, пред се за личната, но и безбедноста на останатите учесници во сообраќајот.

Полициски службеници од Отсекот за превенција при СВР Тетово и Полициското одделение за безбедност на патниот сообраќај при ОВР Неготино пак, во Тетово и Неготино реализираа превентивни активности насочени кон пешаците, со цел да им се укаже на пешаците дека и тие, како активни учесници во сообраќајот, имаат обврска да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, со напомена дека улицата треба да ја преминуваат на обележан пешачки премин, при тоа да не користат слушалки и мобилни телефони, да бидат внимателни, особено во вечерни часови, кога се движат на неосветлени локации.

Превентивни активности за безбеден сообраќај спроведоа и полициски службеници од СВР Штип во Кочани, Штип и Делчево. Овие активности имаат за цел да се зголеми нивото на сообраќајна култура и да се намали бројот на сообраќајни незгоди. Во рамки на превентивната активност беше поделен и печатен едукативен материјал. Во текот на вчерашниот ден, полициски службеници од ПС Свети Николе, Пробиштип и Берово реализираа превентивни активности „Соседски патроли – Заедно за побезбедна заедница“. Активностите беа спроведени на повеќе локации каде што во вечерните часови најчесто се собираат млади лица, како паркови, спортски игралишта и угостителски објекти. Беа реализирани непосредни разговори со младите и со присутните граѓани, при што беше потенцирана важноста од почитување на законските прописи, одговорното однесување на јавни места, зачувувањето на јавниот ред и мир, како и заштитата на јавниот имот и урбаната опрема.

Посебен акцент беше ставен на превенцијата од меѓуврсничко насилство, злоупотребата на алкохол и психоактивни супстанции, како и на препознавањето и избегнувањето на други ризични облици на однесување.

Мени за пристапност