Вчера (07.08.2026) во рамки на летната кампања „Безбедно лето 2026 – Вози одморен“, на автопатот А1, на наплатната станица Романовце, во периодот од 17:00 до 18:00 часот, Мобилната единица за безбедност на сообраќајот на патиштата при Секторот за сообраќајни работи, во соработка со Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата (РСБСП), спроведе превентивно-едукативна активност наменета за возачите.
Активноста беше насочена кон подигнување на сообраќајната култура и безбедноста на патиштата, со посебен акцент на ризиците од управување со возило во состојба на замор, особено во услови на високи температури и зголемена фреквенција на сообраќај во летниот период.
На возачите им беа поделени едукативни флаери, а преку непосредна комуникација им беше укажано да не управуваат возило доколку се чувствуваат заморни, да прават почести паузи при подолги патувања и да внесуваат доволно течности, особено вода, за време на патувањето.
Министерството за внатрешни работи и РСБСП и понатаму ќе продолжат со превентивни активности насочени кон заштита на сите учесници во сообраќајот.
Сообраќајната безбедност зависи од секој од нас – секој живот е важен.