Денеска (20.05.) полициски службеници од ПСОН Берово во ОСУ „Ацо Русковски“ во Берово, организираа превентивна едукативна активност за начините на однесување во кризни ситуации. Притоа, на учениците им беа презентирани методите и начините на однесување во кризни ситуации, како и совладувањето на паника и безбедното евакуирање од објекти. Воедно, учениците беа запознаени и со законските одредби поврзани со присуство на малолетници во угостителски објекти. Целата оваа активност беше реализирана во соработка и со партиципација на претставници на ТППЕ Берово, со волонтери, членови на Црвениот крст Берово и претставници од Здравствениот дом Берово, и во таа насока за средношколците беше спроведена симулациска вежба за евакуација во случај на итност и однесување во кризни ситуации. Идентична активност, односно симулациска вежба за справување во кризни ситуации беше спроведена и во Македонска Каменица во ООУ „Свети Кирил и Методиј“, а во соработка со ТППЕ и ИМП од Македонска Каменица.
Инаку, денеска и полициски службеници од ПС за БПС Штип во централното градско подрачје во Штип реализираа превентивна активност од областа на безбедноста во сообраќајот под мотото „Сите ние сме пешаци“. За време на активноста, покрај укажувањата и практичните совети на граѓаните учесници во сообраќајот им беа поделени едукативни летоци, изработени во соработка со РСБСП. Воедно, и во Пробиштип полициски службеници од ОВР Пробиштип за учениците од ПОУ „Ванчо Трајков“ одржаа едукативно предавање на тема – „Основни сообраќајни правила и прописи”.