Денеска (02.07) во Делчево и Кочани полициски службеници од Полициските станици за безбедност на патниот сообраќај Делчево и Кочани спроведоа превентивно - едукативни активности во рамки на кампањите „Не користи мобилен телефон додека возиш“ и „Не конзумирај алкохол ако возиш“.
На учесниците во сообраќајот преку директна комуникација им беше укажувано на големиот ризик и последиците кои можат да настанат доколку се користи мобилен телефон додека се управува моторно возило. Воедно, беа поделени и летоци со едукативна содржина, обезбедени во соработка со Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата и Факултетот за безбедност Скопје.
Посебен акцент беше ставен на потребата за свесност кај возачите, да не управуваат возила под дејство на алкохол, со оглед на тоа дека алкохолот сериозно ги намалува возачките вештини, ги нарушува психомоторните способности на возачите и претставува сериозна закана по нивната и безбедноста на останатите учесници во сообраќајот. Воедно, на граѓаните им беше посочено дека управувањето на моторно возило под дејство на алкохол нема да биде толерирано, а законските санкции во такви случаи ќе бидат доследно и неселективно применувани.