Полициски службеници од Регионалниот центар за гранични работи Запад денеска (11.07.) заедно со полициски службеници од Полициската станица за граничен надзор Франгово, реализираа превентивни активности од областа на заштитата од пожари. Притоа на подрачјето на селата Франгово и Радолишта беа остварени средби со граѓаните, односно месното население, на коишто покрај презентација на основните информации во контекст на кризната состојба предизвикана од зачестените појави на пожарите, полициските службеници делеа едукативни летоци за важноста и начините на превенција од пожари, а изработени во соработка со ЈП „Национални шуми“.
Инаку и вчера полициски службеници од РЦГР Запад во соработка со Отсекот за превенција при СВР Охрид на граничниот премин „Св.Наум“ на македонско-албанската граница, спроведоа превентивна кампања насочена кон безбедноста во сообраќајот. Под мотото - „Вози одморен“, полициските тимови преку непосредна комуникација со возачите на моторни возила на влез и излез од државата, ги потсетуваа за потребата од внимателност при управување со возилата, на почитување на сообраќајните правила и прописи, посебно сега во летниот период за кој е карактеристична зголемената сообраќајна фрекфентност. Притоа, на возачите им беше поделен едукативен материјал.