Денеска (30.11.2025) во Делчево, полициските службеници од Отсекот за превенција и УПС при ПО за БПС Делчево реализираа превентивна активност на тема „Вози безбедно – стигни сигурно“.
За време на активноста, на возачите им беа поделени информативни летоци со корисни совети за задолжително користење на зимска опрема. Целта беше да се потсетат возачите дека во периодот од 15 ноември 2025 до 15 март 2026 година задолжително е поседувањето и носењето зимска опрема во возилата, како и да се едуцираат за нејзино правилно користење.
Истовремено, беше укажано дека зимските услови носат повисок степен на ризик: лизгави коловози поради снег, мраз или голомразица, намалена видливост поради густа магла или врнежи, како и зголемена заморливост кај возачите.
На возачите им беше истакнато дека користењето сигурносен појас е задолжително, како и тоа дека возилото мора да биде технички исправно. Исто така, беа советувани дека доколку консумираат алкохол, не треба да управуваат моторно возило.
Безбедноста на патиштата е заедничка обврска и само со одговорно однесување од сите учесници во сообраќајот може да се изгради култура на безбедност и грижа за секојдневните учесници во сообраќајот.