Министерството за внатрешни работи, во соработка со ОКТА и Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата (РСБСП), вчера на бензинската станица на ОКТА во Карпош реализираше заедничка превентивна активност, со која пораката „Јас внимавам“ од истоимената актуелна кампања ја доближи до граѓаните.
Преку практични и интерактивни активности, посетителите имаа можност лично да се уверат колку консумирањето алкохол може да влијае врз перцепцијата, координацијата и способноста за правилна проценка. Со помош на специјални очила што го симулираат дејството на алкохолот, учесниците изведуваа едноставни движења и на непосреден начин ги согледаа ризиците од управување возило под дејство на алкохол.
Во рамки на активноста, граѓаните разговараа со претставници на МВР и РСБСП за важноста на одговорното однесување во сообраќајот, почитувањето на правилата и личниот придонес во спречувањето на сообраќајните незгоди. Настанот беше збогатен со подароци за посетителите и музичка програма.
Сообраќајната безбедност започнува со личната одговорност на секој од нас. Преку ваквите превентивни активности продолжуваме да ја подигнуваме свеста за ризиците во сообраќајот и да потсетуваме дека само еден момент на невнимание може да има сериозни последици.
#ЈасВнимавам – Внимавај за да стигнеш. За да стигнеме сите!