Денеска (5 ноември 2026 година) во Скопје, заменик министерот за внатрешни работи Астрит Исени присуствуваше на завршниот настан на ИПА проектот „Воспоставување на електронски систем за водење на евиденција на институциите за спроведување на законот“ (LERMS), во чии рамки беше потпишан и Меморандум за соработка меѓу надлежните институции.
Во своето обраќање, заменик министерот Исени истакна дека проектот претставува значаен чекор кон модернизација на институционалните капацитети, дигитализација на процесите и унапредување на меѓуинституционалната соработка.
Примената на системот LERMS ќе овозможи подобро управување и следење на предметите, поефикасна аналитичка обработка и навремена размена на информации, со што ќе се придонесе за поефикасно постапување и координација во борбата против организираниот криминал, корупцијата и тероризмот.
Со потпишувањето на Меморандумот, Министерството за внатрешни работи, Јавното обвинителство, Управата за финансиска полиција, Управата за финансиско разузнавање, Царинската управа и Агенцијата за управување со одземен имот ја потврдија заедничката посветеност на функционалната примена и долгорочната одржливост на системот.
Исени упати благодарност до Европската Унија, Делегацијата на ЕУ во Република Северна Македонија, проектниот тим, експертите и сите вклучени институции за нивниот придонес во реализацијата на проектот.
Тој нагласи дека завршувањето на проектот претставува почеток на нова фаза на практична примена и континуирано унапредување на системот, при што Министерството за внатрешни работи останува посветено на дигиталната трансформација, јакнењето на оперативните и аналитичките капацитети и унапредувањето на институционалната соработка во согласност со европските стандарди и принципите на владеење на правото.