„Безбедносната архитектура на современиот свет се менува со невидена брзина. Ако во минатото државите се фокусираа претежно на традиционалните воени капацитети, денес безбедноста сè повеќе се одредува од дигиталната отпорност, технолошките способности и способноста за брзо адаптирање на новите ризици“, истакна заменик-министерот за внатрешни работи, проф. д-р Астрит Исени, во своето поздравно обраќање на Скопската безбедносна конференција, која денес (19.06.2026) во организација на Центарот за безбедносни студии – Скопје се одржа во хотелот „DoubleTree by Hilton“ во Скопје.
Осврнувајќи се на темата за вештачката интелигенција, сајбер-безбедноста и трансформацијата на одбранбените и безбедносните системи – области што во последната деценија бележат интензивен и динамичен развој – заменик-министерот Исени потенцираше дека во контекст на кибер-безбедноста денес сите држави се соочуваат со закани кои не познаваат географски граници.
„Република Северна Македонија активно работи на зајакнување на своите капацитети во овие области. Преку стратешки документи, институционални реформи и меѓународна соработка, градиме систем што ќе може ефикасно да одговори на современите дигитални закани. Особено значајна е соработката со нашите партнери во НАТО и Европската Унија, кои обезбедуваат рамка за размена на знаења, искуства и добри практики“, нагласи д-р Исени.
Посочувајќи дека целта треба да биде градење општества кои ќе бидат истовремено технолошки напредни, демократски отпорни и безбедни за сите граѓани, заменик-министерот Исени истакна дека „светот во кој живееме денес е значително покомплексен отколку пред само една деценија. Геополитичките тензии, воените конфликти, економските неизвесности, енергетските предизвици и технолошките трансформации создаваат нова реалност во која безбедноста не може да се разгледува исклучиво низ национална перспектива“.
Конференцијата се одржа преку неколку тематски панели под заедничкиот наслов „Безбедност во транзиција: навигација низ технологијата, геополитиката и отпорноста во свет што се менува“, а на неа учествуваа јавни функционери, креатори на политики, дипломати, безбедносни експерти, академици, технолошки специјалисти, експерти за животна средина и претставници на граѓанското општество.