Со еден клик до сите услуги

https://uslugi.gov.mk/

Заменик министерот Исени и ректорот Фетаји потпишаа Меморандум за соработка меѓу МВР и Универзитетот „Мајка Тереза“

Заменик министерот Исени и ректорот Фетаји потпишаа Меморандум за соработка меѓу МВР и Универзитетот „Мајка Тереза“

Денеска (29.10.2026), заменик министерот за внатрешни работи Астрит Исени оствари работна посета на Универзитетот „Мајка Тереза“ во Скопје, каде што се сретна со ректорот, проф. д-р Беким Фетаји. Во рамки на средбата беше потпишан Меморандум за соработка меѓу Министерството за внатрешни работи и Универзитетот, со кој се поставуваат основите за продлабочување на институционалната соработка во областа на образованието, науката и стручниот развој.

Меморандумот предвидува размена на знаења, искуства и експертиза меѓу академскиот кадар и стручните служби на Министерството, реализација на заеднички образовни и истражувачки активности, учество во национални и меѓународни проекти, како и организирање конференции, семинари, обуки и стручни предавања. Предвидени се и можности за студентска пракса, во согласност со потребите и капацитетите на двете институции.

На средбата беше истакнато значењето на поврзувањето на академската заедница со институциите, особено во насока на примена на научните сознанија во практичното работење, унапредување на професионалните компетенции и создавање можности младите луѓе да стекнуваат практични знаења и искуства.

Заменик-министерот Исени ја нагласи важноста на континуираната соработка со високообразовните институции, посочувајќи дека вложувањето во знаење, образование и стручно усовршување е еден од клучните предуслови за развој на современа, професионална и ефикасна полиција.

Со потпишувањето на Меморандумот, Министерството за внатрешни работи продолжува да ја проширува соработката со академската заедница, создавајќи простор за заеднички проекти, размена на експертиза и поврзување на теоретските знаења со практичните потреби на институциите.

Целта на ваквите партнерства е знаењето и научниот потенцијал на универзитетите да се преточат во конкретни придобивки за институционалниот развој, подобрување на професионалните капацитети и градење поефикасни институции во служба на граѓаните.

Мени за пристапност