Денеска (19.06.2026) директорот на Бирото за јавна безбедност Александар Јанев, оствари работна средба со високата претставничка на Австриското Министерство за внатрешни работи, г-ѓа Ева Голубитис, на која се разговараше за идното продлабочување на системската соработка во областа на обуките, тренинзите и размената на знаења и најдобри практики, со посебен акцент на справувањето со врсничкото, семејното и останатите облици на насилство.
На средбата беше истакнато дека заедничка цел е изградба на унифициран и професионален пристап на полициските службеници при нивниот прв одговор во случаи на насилство, преку интегрирање на стекнатите искуства и знаења во програмите на Полициската академија, како и во системот на основни и континуирани обуки. Соговорниците констатираа дека австриската полиција располага со современ и ефикасен систем за едукација на полицискиот кадар, кој создава професионалци изградени врз принципите на интегритетот, унифицираната примена на законите и почитувањето и заштитата на човековите права.
Станува збор за искуства и практики кои можат успешно да бидат адаптирани и вградени во македонскиот полициско-едукативен систем. Воедно, беше разговарано и за можностите за поддршка во развојот на основните менаџерски вештини и континуираното јакнење на лидерските капацитети, на сите раководни нивоа во полицијата. На средбата беше оценето дека знаењето, едукацијата и размената на искуства претставуваат најсилна инвестиција во иднината на полициската професија и клучен предуслов за градење институции со висок интегритет, професионалност, транспарентност и доследна примена на законите.
Република Австрија и Република Северна Македонија продолжуваат да ја негуваат и продлабочуваат пријателската и партнерската соработка, заснована врз взаемна доверба, искрен однос и заедничка определба преку размена на знаење и најдобри практики да создаваат уште посилни, помодерни и поефикасни полициски служби во служба на граѓаните.