Во рамки на оперативната акција „Чистач“, полициски службеници од Одделот за криминалистичка полиција – Сектор за општ, насилен криминал и семејно насилство, во содејство со СВР Штип – ОВР Делчево и СВР Скопје, извршија претреси на две локации и лишија од слобода три лица од Скопје, З.Б.(61), М.Б.(35) и Б.А.(43).
Акцијата е реализирана по оформен предмет во Основното јавно обвинителство Делчево за кривичните дела „уцена“ и „загрозување на сигурноста“, предвидени и казниви по член 259 и член 144 став 2 од Кривичниот законик. Според пријавеното, неколку лица од Скопје упатувале закани по животот и телото на жител на Делчево, при што од него барале да им исплати 10.000 евра, заканувајќи се дека во спротивно ќе објават компромитирачки материјали.
При извршените претреси бил пронајден нелегален пиштол марка „М57“, калибар 7,62 мм, за кој по извршените проверки било утврдено дека потекнува од кривично дело „тешка кражба“, извршено на подрачјето на СВР Скопје.
По целосно документирање на случајот ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави.