Помошникот министер за внатрешни работи, Влатко Митковски, денеска (14.10.2026) во Крани ја отвори Годишната конференција на шефовите на полициските академии и тренинг-центри, членки на Регионалната асоцијација на полициски академии и тренинг-центри од Југоисточна Европа (RAPATC SEE).
Во присуство на директорите на академиите членки на Асоцијацијата, помошникот министер Митковски го истакна значењето на регионалната соработка, размената на знаења и искуства, како и континуираното унапредување на професионалните капацитети на полициските службеници.
„Во време кога безбедносните предизвици стануваат сè посложени, а одговорноста на полициските институции е поголема од кога било, регионалната соработка претставува клучен фактор во пренесувањето на знаењето и искуството, како на помладите генерации полициски службеници, така и на експертите во соодветните области. Организираниот криминал, сајбер-криминалот, прекуграничните безбедносни закани и брзиот технолошки развој бараат нови пристапи, современи знаења и високо обучени професионалци, подготвени да одговорат на предизвиците на современото општество“, истакна Митковски.
Во рамки на конференцијата, Полициската академија, во својство на актуелен претседавач со Асоцијацијата, ги презентираше реализираните активности во изминатиот период, како и реформите во системот за полициска едукација во Министерството за внатрешни работи.
Во текот на работниот дел, шефовите на полициските академии разменија искуства и согледувања за современите предизвици со кои се соочуваат институциите задолжени за полициска едукација во регионот на Југоисточна Европа, со посебен акцент на унапредувањето на обуките, професионалниот развој и зајакнувањето на меѓусебната соработка.
Конференцијата продолжува утре (15.10.2026), кога е предвидено официјалното примопредавање на претседателството со Асоцијацијата на Академијата за безбедност на Република Албанија.