Со еден клик до сите услуги

https://uslugi.gov.mk/

Јанев од Љубљана: Продлабочување на соработката помеѓу македонската и словенечката полиција

Јанев од Љубљана: Продлабочување на соработката помеѓу македонската и словенечката полиција

 

Денеска (27.05.2026) во Љубљана, Република Словенија, директорот на Бирото за јавна безбедност, Александар Јанев, во рамките на студиската посета организирана од проектот „EU Support for Rule of Law“, оствари работна посета на словенечката полиција, каде имаше средба со генералниот директор на словенечката полиција, Дамјан Петрич.

На средбата беше разговарано за продлабочување на соработката помеѓу двете полиции, како и за предизвиците со кои се соочуваат современите безбедносни системи, со посебен акцент на прекуграничниот криминал, нелегалната миграција, тероризмот, нелегалната трговија со дрога и сајбер криминалот.

Посебно внимание беше посветено на размената на информации, заедничките оперативни активности и градењето силни професионални врски помеѓу криминалистичките полиции, како важен предуслов за успешно справување со транснационалниот и организираниот криминал.

Во духот на искреното пријателство и меѓусебната доверба, соговорниците разговараа и за процесите на дигитализација и модернизација на полициските служби, како и за континуираната поддршка што словенечката полиција ја дава на македонската полиција преку споделување искуства, знаење и добри практики.

Директорот Јанев изрази благодарност за искрената и континуирана поддршка што Република Словенија ја дава во реформските процеси и усогласувањето со европските стандарди во областа на безбедноста.

Македонската и словенечката полиција остануваат посветени на заедничка работа, партнерство и унапредување на безбедноста на граѓаните на двете држави.

Мени за пристапност