Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска присуствуваше на примопредавање на опрема за Интервентната полиција на Министерството за внатрешни работи, обезбедена во рамки на проектот „Заедничко менторирање на Интервентната полиција на Република Северна Македонија“, кој се реализира со поддршка на Сојузна Република Германија и Република Хрватска.
На настанот, кој се одржа во касарната „Ѓорче Петров“, министерот Тошковски истакна дека проектот претставува значаен придонес во унапредувањето на професионалните капацитети на Интервентната полиција и дополнително ја зајакнува меѓународната соработка помеѓу партнерските институции.
„Примопредавањето на опремата е конкретен чекор напред кој ќе овозможи нашите единици да бидат поефикасни, побезбедни и подобро подготвени за секој предизвик. Оваа поддршка е потврда за силното партнерство и меѓусебната доверба меѓу институциите“, истакна министерот Тошковски.
Во своето обраќање тој посочи дека во проектот досега се реализирани 13 специјализирани обуки и модули насочени кон унапредување на оперативните способности на припадниците на Интервентната полиција. Преку обуките е овозможено стекнување нови знаења и вештини во повеќе области, меѓу кои управување со јавен ред и мир, употреба на дронови, справување со стресни ситуации, планирање и обезбедување на големи настани, како и размена на искуства со полициските служби од Германија и Хрватска.