Министерот за внатрешни работи денеска беше во работна посета на Полициското одделение Мирковци при СВР Скопје. Со раководниот кадар и полициските службеници министерот разговараше за тековните активности и предизвиците со кои се соочуваат тие во обезбедување на сигурноста и безбедноста на граѓаните од овој крај.
„Со подрачјето кое го покрива ова одделение има реално зголемување на фреквенцијата на луѓе како постојани или повремени жители, туристи или сопственици на викендички. Во таа насока да излеземе во пресрет и да можеме целосно да ја гарантираме безбедноста на граѓаните и нивниот имот со новата систематизација планирана со новиот Закон за внатрешни работи планираме реструктуирање на ова полициско одделение со засилување на неговите човечки и оперативни капацитети. Раководството на министерството е посветено на целосно унапредување на работните услови на полициските службеници преку обезбедување на нова опрема, униформи, возила и дигитализација на процесите со цел унапредување на севкупната ефикасност на македонската полиција.“, подвлече министерот Тошковски.
Воедно, министерот Тошковски ги посети и полициските службеници кои постапуваат по оперативната акција „Гора“ во делот на Скопска Црна Гора и работат на откривање и спречување на криминални активности како криумчарење и бесправна сеча на дрва. Во наредниот период Министерството уште поинтензивно ќе работи на сузбивање на криминалот поврзан со бесправна сеча на шумите.