Со еден клик до сите услуги

https://uslugi.gov.mk/

Тошковски на регионален состанок на УНОДЦ: Борбата против трговијата со луѓе бара силна прекугранична соработка и заштита на секоја жртва

Тошковски на регионален состанок на УНОДЦ: Борбата против трговијата со луѓе бара силна прекугранична соработка и заштита на секоја жртва


Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска се обрати на Регионалниот експертски состанок за зајакнување на прекуграничната кривично-правна соработка и заштита на странски жртви во случаи на трговија со луѓе, во организација на Канцеларијата на Обединетите нации за дрога и криминал (УНОДЦ).

Во своето обраќање, министерот Тошковски ја нагласи важноста на меѓународната соработка и координираното дејствување на институциите во справувањето со трговијата со луѓе, како еден од најсериозните облици на организиран криминал. Тој изрази благодарност до УНОДЦ за организацијата на состанокот, истакнувајќи дека присуството на експерти и делегации од регионот, но и од Јужна Америка, ја потврдува заедничката определба за заштита на жртвите без оглед на националните и географските граници.

„Трговијата со луѓе, како глобално и општествено неприфатлив чин, не познава граници, ниту пак прави разлика меѓу луѓето врз основа на нивното потекло, припадност или убедувања. Оттаму, нашиот одговор мора да биде исто толку одлучен: организиран, сеопфатен и мултидисциплинарен“, истакна Тошковски.

Министерот посочи дека покрај традиционалните облици на експлоатација, криминалните мрежи развиваат и нови, сè посложени начини на злоупотреба на луѓето. Посебно внимание посвети на ризиците од трудова и сексуална експлоатација, како и на ранливоста на странските државјани кои, во потрага по подобри економски можности, можат да станат жртви на трговија со луѓе.

Тошковски нагласи дека Западен Балкан претставува регион на потекло, транзит и крајна дестинација за жртвите, а во Македонија во последните години доминира внатрешната трговија со луѓе, иако се идентификуваат и странски жртви. Особено загрижувачка е ранливоста на децата и лицата погодени од сиромаштија, дискриминација и семејно насилство, поради што е неопходно институциите постојано да ги следат новите трендови и навремено да реагираат.

Осврнувајќи се на националните напори, министерот потсети дека Македонија од 2001 година континуирано ги развива институционалните механизми за борба против трговијата со луѓе, усогласувајќи го законодавството и практиките со меѓународните стандарди и препораките на релевантните организации.

„Нашиот систем е поставен врз пет столба: превенција, кривичен прогон, заштита, реинтеграција и обесштетување на жртвите. Во фокусот на секоја наша мерка секогаш стои Човекот — жртвата чие достоинство мора да го вратиме“, порача Тошковски.

На крајот, министерот истакна дека трговијата со луѓе често останува скриена, а жртвите невидливи за општеството, поради што подигнувањето на јавната свест, едукацијата, навременото препознавање и пријавувањето се од суштинско значење.

Тој порача дека само преку силна институционална координација, меѓународна соработка и пристап во чиј центар се правата и достоинството на жртвите може да се обезбеди поефикасно спречување и откривање на трговијата со луѓе, кривичен прогон на сторителите и соодветна заштита на жртвите.

Мени за пристапност