Со еден клик до сите услуги

https://uslugi.gov.mk/

Тошковски на одбележувањето 80 години Ловечка федерација на Македонија: Доверба за тие што ги почитуваат правилата, нулта толеранција за тие што ги кршат

Тошковски на одбележувањето 80 години Ловечка федерација на Македонија: Доверба за тие што ги почитуваат правилата, нулта толеранција за тие што ги кршат

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски се обрати на свечената церемонија во Народниот театар во Велес по повод 80 години од основањето на Ловечката федерација на Македонија, честитајќи им го големиот јубилеј на членовите на Федерацијата и на генерациите ловци кои осум децении ја градат и продолжуваат ловечката традиција.

Во своето обраќање, Тошковски се осврна на промените што Министерството за внатрешни работи ги презема во областа на оружјето, нагласувајќи дека целта е да се отстранат непотребните административни процедури за граѓаните кои ги исполнуваат законските услови, а истовремено да се воспостави поефикасна контрола.
„Кога дојдовме во Министерството, утврдивме дека над пет илјади граѓани ги исполнувале условите, а дозвола не добиле. А во исто време, оружје добивале луѓе кои никогаш не смееле да го имаат в рака. Тоа е систем кој истовремено ги казнува чесните и ги наградува погрешните. Таков систем не е ни праведен, ни безбеден. Затоа го сменивме“, истакна Тошковски.

Министерот посочи дека барањето за набавка на оружје е пренесено на електронска платформа, а укината е и обврската за претходно одобрение за набавка на муниција, при што МВР преку централниот електронски систем има увид во набавените количини.

Осврнувајќи се на новиот Закон за оружје, Тошковски нагласи дека со него се предвидува можност со едно барање да се бараат повеќе парчиња оружје, дозволено полнење муниција, проширено сокорисничко право и продолжување на рокот за регулирање на наследеното оружје од два на четири месеци. Предвиден е и рок од една година за регулирање на случаите во кои бил пропуштен рокот или барањето било одбиено поради тоа, како и за оружјето што треба да се легализира, пререгистрира или доброволно да се предаде.

Тошковски потенцираше дека административните олеснувања мора да бидат проследени со построга и современа контрола.
„Секое олеснување за чесниот ловец оди заедно со построга контрола. Новиот закон воведува електронско следење на секое парче оружје од фабриката до крајниот корисник. Воведува обврска оружјето да се чува безбедно, на соодветно место. И прв пат го регулира оружјето и деловите изработени со 3Д печатачи и CNC машини, закана која пред дваесет години не ни постоеше“, рече Тошковски.

Тој ја сумираше целта на промените со пораката дека легалното оружје треба да биде во рацете на одговорни луѓе, а нелегалното оружје да нема место на улиците – „доверба за тие што ги почитуваат правилата, нулта толеранција за тие што ги кршат“.

Министерот ја истакна и важноста на соработката со Ловечката федерација и ловечките друштва, повикувајќи таа да биде континуирана и практична, особено при согледувањето на евентуалните проблеми при примената на законските решенија.
На крајот од обраќањето, Тошковски им го честиташе 80-годишниот јубилеј на членовите на Ловечката федерација.
„Ловецот најдобро ја познава оваа земја. Секоја планина, секоја долина, секоја патека. Можеби затоа најдобро и знае колку таа вреди. Да ја сакаме Македонија, не само со зборови, туку со дела, со одговорност и со почит еден кон друг“, порача министерот Тошковски.

Мени за пристапност