Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и државниот секретар во Министерството за внатрешни работи Сашо Петрушевски денеска (23.09.2026) учествуваа на 75 дијалог сесија на тема „Придонесот на структурираниот дијалог кон евроинтегративниот процес: од ‘Темелите’ и пошироко“, што се одржа во Скопје во организација на Националната конвенција за Европската Унија во Република Северна Македонија (НКЕУ-МК).
Националната конвенција функционира како платформа за отворен и структуриран дијалог меѓу институциите, граѓанскиот сектор, академската и експертската јавност и другите релевантни чинители за прашањата поврзани со процесот на пристапување кон Европската Унија.
Во рамки на настанот, министерот Тошковски и претседателката на Европското движење во Република Северна Македонија и национална координаторка на НКЕУ-МК, проф. д-р Милева Ѓуровска, потпишаа Меморандум за соработка меѓу Министерството за внатрешни работи и Европското движење во Република Северна Македонија (ЕММК), како носител на Националната конвенција.
Со Меморандумот се создава рамка за натамошна соработка во областите поврзани со процесот на европска интеграција, со особен фокус на Поглавје 24 – Правда, слобода и безбедност. Предвидени се учество на претставници на Министерството во активностите на Работната група 4, пленарните конференции и тематските дебати на НКЕУ-МК, размена на искуства и стручни мислења, како и разгледување на препораките и заклучоците што произлегуваат од структурираниот дијалог.
„Европската интеграција во областите за кои е надлежно Министерството за внатрешни работи подразбира многу повеќе од усогласување на прописите. Потребни се институции кои имаат капацитет европските стандарди да ги применуваат во секојдневното работење. Токму затоа е важен структурираниот дијалог – да ги ставиме на иста маса институциите, експертската и академската јавност и граѓанскиот сектор, да ги слушнеме различните аргументи и искуства и од нив да извлечеме решенија што можат да дадат конкретен придонес во реформските процеси. Со денешниот Меморандум ја поставуваме соработката со НКЕУ-МК во јасна рамка, особено во областите од Поглавје 24 – Правда, слобода и безбедност“, истакна министерот Тошковски.
Во вториот панел, посветен на „Правда, слобода и безбедност – Поглавје 24“, учествуваше државниот секретар Сашо Петрушевски, кој воедно е и ко-претседавач на работната група. Тој се осврна на институционалната и кадровската подготвеност на Министерството за обврските што произлегуваат од преговарачкиот процес, нагласувајќи го значењето на знаењето и искуството на вработените во примената на европските стандарди.
„Не е доволно само да го донесеме и усогласиме законодавството со европските стандарди. Клучно е да имаме институционален и кадровски капацитет тоа законодавство целосно и ефикасно да го применуваме во пракса. Во тој процес нашата најголема движечка сила се вработените во Министерството за внатрешни работи, кои имаат акумулирано знаење и искуство во спроведувањето на европските стандарди“, истакна Петрушевски.
Петрушевски посочи и дека структурираниот дијалог треба да биде двонасочен процес, во кој институциите ќе бидат отворени за аргументирани критики и предлози, а експертската јавност и граѓанските организации ќе имаат можност да ги согледаат и предизвиците со кои институциите се соочуваат при спроведувањето на реформите.
Меморандумот ја предвидува и размената и разгледувањето на препораките и заклучоците произлезени од работата на НКЕУ-МК, со цел обезбедување континуитет на структурираниот дијалог и поддршка на реформските процеси во областите од заеднички интерес. НКЕУ-МК го применува овој модел на дијалог од 2017 година, вклучително и преку посебна работна група за Поглавје 24 – Правда, слобода и безбедност.