Денеска (22.09.2026) се одржа тематска меѓупрофесионална работилница посветена на заштитата и безбедноста на новинарите, со учество на претставници на релевантни институции, новинарски и професионални организации и граѓанскиот сектор.
На отворањето се обрати помошник-министерот за односи со јавноста во МВР, Мухамед Исмаиљи, кој истакна дека безбедноста на новинарите бара координиран пристап и заедничко дејствување на сите релевантни чинители.
„Кога новинар е загрозен поради својата професионална работа, институционалниот одговор мора да биде навремен, професионален и неселективен. Безбедноста на новинарите не е прашање што може да го решава една институција сама, туку бара координација, навремена размена на информации и јасно дефинирани одговорности“, истакна Исмаиљи.
Тој посочи дека Министерството за внатрешни работи презема конкретни чекори за унапредување на системот за заштита на новинарите, меѓу кои воспоставувањето национална и локални фокални точки, со цел олеснување на комуникацијата и побрза реакција во случаите поврзани со безбедноста на новинарите.
Воедно, беше истакната потребата од што поскоро формирање на Националниот комитет за заштита на новинарите, како механизам за меѓуинституционална координација, како и значењето на подготовката и спроведувањето на Националниот акциски план за заштита и безбедност на новинарите.
На работилницата се обрати и Олег Солдатов, шеф на Програмската канцеларија на Советот на Европа во Скопје, кој посочи дека новинарите треба да можат слободно и безбедно да ја вршат својата професија, без страв од закани, насилство, заплашување или вознемирување.
„Кога безбедноста на новинарите е загрозена, последиците го засегаат и правото на граѓаните да бидат информирани и да учествуваат во демократскиот живот“, истакна Солдатов, додавајќи дека Националниот акциски план треба да биде практичен и применлив механизам кој ќе одговори на реалните предизвици со кои се соочуваат новинарите.
На работилницата беше посочено дека покрај физичките закани и напади, потребно е внимание да се посвети и на онлајн вознемирувањето, заканите преку социјалните мрежи, објавувањето лични податоци, дигиталните напади, како и безбедноста на новинарските екипи при протести и други настани со зголемен ризик.
Работилницата претставуваше можност за размена на искуства и отворена дискусија за предизвиците, со цел унапредување на институционалниот одговор и дефинирање практични мерки за превенција и заштита на новинарите.