Во рамките на регионалната иницијатива за поддршка на државите од балканскиот регион, денеска во Скопје се одржа трилатерален состанок на работните групи од Македонија, Србија и Унгарија, посветен на борбата против криумчарењето мигранти и трговијата со луѓе.
Меѓу учесниците беше и Главниот јавен обвинител за организиран криминал во Србија, како и раководители, заменици и членови на службите за борба со трговијата со луѓе и криумчарењето мигранти од трите земји. Работната група при Министерството за внатрешни работи ја предводеше заменик-началникот на Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал, кој презентираше свој осврт на темата и даде придонес кон дискусијата.
Дополнително, на состанокот беше одбележана десетгодишнината од постоењето на оваа иницијатива, која беше формирана по мигрантската криза во 2015 година, а првиот состанок се одржа токму во Скопје.
Во услови кога балканскиот коридор и натаму останува важна точка за транзит и ризик од организирано криумчарење, вакви состаноци го нагласуваат значењето на засилената регионална соработка, размена на информации, унапредување на оперативните капацитети и координација меѓу институциите.
Состанокот беше организиран со поддршка на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, долгогодишен партнер на Министерството за внатрешни работи во бројни проекти и иницијативи насочени кон унапредување на безбедноста, борбата против организираниот криминал и заштитата на човековите права.
Министерството за внатрешни работи ја потврдува својата посветеност за јакнење на капацитетите за откривање и гонење на организирани криминални групи, како и за заштита на жртвите на криумчарење и трговија со луѓе, во рамките на регионалните и меѓународните партнери.