Денеска во Скопје (10.06.2026) Директорот на Бирото за јавна безбедност, заедно со амбасадорот на Франција во Република Северна Македонија, Кристоф Ле Риголер, се обрати на отворањето на регионалниот семинар посветен на истрагите за перење пари и управувањето со имот стекнат од криминални активности, организиран со поддршка на француската Дирекција за одбрана и безбедност и Амбасадата на Франција во Скопје.
Во своето обраќање, директорот истакна дека борбата против организираниот и транснационалниот криминал одамна ги надминува границите на една држава, при што следењето на финансиските текови, откривањето и одземањето на нелегално стекнатиот имот претставуваат едни од најефикасните механизми за слабеење на криминалните мрежи и заштита на институциите и граѓаните.
Тој нагласи дека особено значење на семинарот му дава присуството на претставници од соседните земји и поширокиот регион, од полициските служби, обвинителствата и судските органи, кои во наредните два дена ќе разменуваат искуства, знаења и добри практики за поефикасно откривање, истражување и процесуирање на кривичните дела поврзани со перење пари, како и за управување со нелегално стекнатиот имот.
„Ова е предизвик кој бара регионален пристап, постојана комуникација и високо ниво на меѓусебна доверба. Размената на информации, искуства и добри практики меѓу институциите е од суштинско значење. Само преку заеднички и координирани активности можеме да изградиме посилен и поотпорен систем и успешно да се спротивставиме на криминалот и неговата финансиска моќ“, истакна директорот.
Воедно, беше нагласено дека ваквите средби не само што ги зајакнуваат професионалните капацитети на институциите, туку создаваат и цврста мрежа на соработка, доверба и комуникација меѓу државите, бидејќи заканите се заеднички, а одговорот на нив мора да биде уште пообединет и поодлучен.
На крајот од обраќањето, директорот упати благодарност до организаторите, француските партнери и експертите за нивната поддршка и подготвеност за споделување знаења и искуства, оценувајќи дека тоа претставува значајна инвестиција во јакнењето на институционалните капацитети и во градењето на заеднички регионален отпор кон транснационалниот криминал.