Денеска (14.05.2026), во Министерството за внатрешни работи беше реализирана работна посета на претставници од Генералниот директорат за безбедност – Турска национална полиција при Министерството за внатрешни работи на Република Турција, на која присуствуваше директорот на Бирото за јавна безбедност, Александар Јанев како и претставници и раководни лица од повеќе организациски единици при Бирото за јавна безбедност.
На средбата беше потврдена добрата и континуирана полициска соработка помеѓу двете земји, при што беа разгледани досегашните активности и можностите за понатамошно унапредување на меѓусебната координација и размена на искуства.
Во фокусот на разговорите беа размената на информации, заедничките активности за спречување на криумчарење мигранти, како и потребата од поинтензивна комуникација и одржување состаноци на високо ниво помеѓу надлежните институции.
Воедно, беше истакнато значењето на континуираната размена на обуки и професионални искуства, како важен сегмент во унапредувањето на професионалните капацитети и зајакнувањето на практичната соработка меѓу полициските служби на двете земји.
На средбата беше изразена заедничка подготвеност за натамошно продлабочување на партнерските односи и заедничките активности во насока на зајакнување на регионалната безбедност и стабилност.