Со еден клик до сите услуги

https://uslugi.gov.mk/

Директорот на БЈБ Александар Јанев на регионален стратешки состанок во Приштина

Директорот на БЈБ Александар Јанев на регионален стратешки состанок во Приштина

Денеска (13.05.2026) во Приштина, директорот на Бирото за јавна безбедност Александар Јанев го предводи македонскиот тим на регионалниот стратешки состанок организиран и поддржан од агенциите за спроведување на законот на Обединетото Кралство, платформа која претставува силен пример за партнерство, доверба и заедничка посветеност кон безбедноста на регионот.

Фокусот на денешните дискусии е насочен кон предизвиците кои произлегуваат од нелегалната миграција, прекуграничниот криминал, организираните транснационални криминални мрежи и нелегалните финансиски текови, појави кои директно влијаат врз националните криминални структури и безбедноста на државите во регионот.

Во тас насока се зборуваше за унапредување на размената на информации, заеднички анализи, координирани активности на терен и создавање механизми што ќе овозможат навремено предвидување, детектирање, превенирање и проактивно сузбивање на криминалните појави.

Се очекува да бидат усвоени значајни заклучоци и предложени нови регионални иницијативи и оперативни модели на соработка кои дополнително ќе ја зајакнат колективната подготвеност и отпорност на институциите.

На маргините на состанокот, директорот Јанев оствари и билатерална средба со новоназначениот директор на албанската полиција, на која се потврди определбата за продолжување и унапредување на соработката во сите аспекти на полициското работење. Посебен акцент е ставен на претстојната летна сезона, со цел овозможување побрз и поефикасен проток на граѓаните преку граничните премини.

„Нашата визија останува јасна – отворена, силна и искрена регионална соработка која ќе придонесе за превенција и сузбивање на криминалот, навремено откривање и разбивање на криминалните мрежи и создавање побезбеден и постабилен регион за сите граѓани“, истакна директорот Јанев.

Македонската полиција останува доверлив, професионален и рамноправен партнер кој активно придонесува кон јакнењето на регионалната и европската безбедност, градејќи мостови на соработка што обезбедуваат долгорочна стабилност, сигурност и заштита.

Мени за пристапност